Одбележани десет години од функционирањето на докторската школа СЕЕФОРМ

Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денес присуствуваше на одбележувањето на десетгодишниот јубилеј на докторската школа СЕЕФОРМ, која успешно образува и профилира кадри кои се иднината на секоја земја, во полето на високото образование, но и во полето на научно-истажувачката дејност.

„Во измените на Законот за високо образование од 2008 година, беше воведена практиката титулата доктор на науки да се стекнува само во рамките на докторски студии. Од тука искуството на Меѓународната докторска школа СЕЕФОРМ претставува вредно искуство кое датира и пред воведувањето на законските измени за третит циклус студии“, истакна министерот Адеми.

Мобилноста, додаде Адеми, на студентите и академскиот кадар се нашата придобивка од Болоњскиот процес. Во таа насока особено заслужува да се одбележи пристапот во обезбедувањето на потребните кадровски ресурси заради достигнување на што е можно повисок квалитет на докторските студии.

„Морам да напоменам, дека е значајна улогата на докторската школа и во креирањето на мрежа на млади истражувачи кои во иднина ќе знаат да го искористат регионалниот пристап при надминување на различни предизвици со кои се соочува регионот. СЕЕФОРМ покажа дека е расадник на млад академски кадар во универзитетите во регионот кој благодарение на соработката со германските универзитети имаат поширок академски профил“, истакна во своето обраќање министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми.