Вевчани со своја делегација во посета на Ковачица по повод одбележувањето на јубилејот од раѓањето на Михајло Пупин

Вевчани со своја делегација во посета на Ковачица по повод одбележувањето на јубилејот од раѓањето на Михајло Пупин

По повод одбележувањето на јубилејот од 160 години од раѓањето на врвниот научник со светско значење, професорот Михајло Пупин, Општина Вевчани со своја делегација се наоѓа во неколкудневна работна посета на Општината Ковачица во Република Србија.

Имено, делегацијата е предводена од Градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски и претставува одговор на поканата на градоначалникот на општина Ковачица. Во тие рамки, покрај тоа што делегацијата ќе оствари неколку работни средби на кои ќе стане збор за продлабочување на меѓусебната соработката и заеднички проекти, исто така, истата ќе го посети и Идвор – родното место на Михајло Пупин.

Инаку, Михајло Пупин има вевчански корени. Имено, најпрво ова семејство од Моско поле – Република Албанија, се населило во Вевчани. Дедото на Михајло, Арсение Пупин живеел во Вевчани за потоа да замине во Идвор – Република Србија, каде што го добива синот Константин кој, пак, е татко на Михајло. Исто така, постојат и одредени информации дека мајката на Михајло Пупин потекнува од Охридскиот регион.

Денес, куќата на Пупинови која воедно е изградена во далечната 1880 година, се наоѓа во центарот на Вевчани е целосно автентично обновена и претставува сместувачко – угостителски објект во кој исто така постои и музејска поставка која го отсликува животот и делото на овој познат светски научник, така што голем е бројот на посетители кои свратуваат во посета на овој објект.

Д-р Михајло Пупин бил професор по математика и физика на Колумбија универзитетот во САД и претставува светски познат и реномиран научник, истражувач и пронаоѓач во областа на физиката и електрониката, особено заслужен за достигнувања и голем придонес во телекомуникациите, радиологијата и радиотехниката. Имено, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рентгенски зраци, а исто така особено значајно е тоа што неговото значење е големо поради решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина.

За своите севкупни научни достигнувања Михајло Пупин во 1924 година ја добил Пулицеровата награда.