Бесими: Во извештајот има препорака и не се откажуваме од патот кон ЕУ

Исклучително важно е што и во овој извештај Европската Комисија (ЕК) дава препорака до Советот на ЕУ за почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ за полноправно членство, но важни се и наведените укажувањата за тоа на што во наредниот период треба да покажеме поголем напредок, истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими на денешната прес-конференција.

„Извештајот за напредокот на Република Македонија е заеднички документ кој де факто се пишува од наша страна и од ЕК. Всушност ние до 1 септември официјално го дадовме нашиот придонес за извештајот и до вчерашниот ден постојано имавме консултации за работи кои во меѓувреме се направени а можат да бидат во извештајот во однос на тоа што е направено. Тој однос на РМ и ЕК во овој процес е партнерски. Без оглед на коментарите во јавноста дали вокабуларот во извештајот е повеќе или помалку дипломатски, сметам дека за нас е важно секој збор и тема што се покренува како предизвик пред нас за препорака да се посвети повеќе внимание,тоа да го сфатиме сериозно и работиме сериозно на тие теми бидејќи е во интерес на граѓаните, одговори Бесими на новинарското прашање дали се согласува со содржината на извештајот и каков е неговиот став. Без оглед на таквите изјави кои може да имаат политичка конотација,“ нагласи Бесими, за нас останува да работиме на содржината, а тоа се судството слободата на изразување, добрите меѓуетнички односи, политичкиот дијалог и добрите соседски односи, односно надминување на отворените прашања со соседите.

Важно е во овој период да не се дефокусираме од еворпската агенда. Република Македонија ќе има многу работа на патот кон ЕУ и ние не се откажуваме од тоа, потенцира Бесими., додавајќи дека во извештајот се нотирани и голем број области во кои има огромен непредок како што е реигоналната соработка, борбата против организираниот криминал на МВР, во делот на реформите во јавната администрација, за непредокот во економската област, зајакнувањето на пазарната економија, намалувањето на невработеноста, трендот на раст на БДП…

Според вицепремиерот за европски прашања Република Македонија, како и секоја друга земја-членка на ЕУ, и откако ќе стане полноправна членка ќе продолжи постојано да прави реформи во системот, вклучувајќи го и судството и останатите теми кои ќе бидат составен дел од европската регулатива.

Откако извештајот ќе биде анализиран, тој најави дека ќе се почне со активности за подготовка на Акцискиот план, а истовремено Секторот за европски прашања ќе организира заедно со другите владини и други државни институции носители на одредени области серија консултации, средби и дебати со НВО, академската заедница, со приватниот сектор и сите други чинители кои можат да придонесат Република Македонија во иднина да покаже поголем прогрес.