Петар Иваноски – Тиквар одликуван со Орден за заслуги за Македонија

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го одликуваше г. Петар Иваноски – Тиквар, истакнат деец, борец на македонското националноослободително движење и учесник на Првото заседание на АСНОМ со „Орден за заслуги за Македонија”.

Одликувањето на г. Иваноски му беше доделено за неговиот исклучителен придонес во остварувањето на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет и создавање на сопствена, самостојна, суверена и демократска држава.

„Учесниците на Првото заседание на АСНОМ се основоположниците на македонската државност. Пред 70 години беа шеесетмина, а денес остана само еден. Денес имаме чест да му се заблагодариме на последниот учесник на АСНОМ кој е меѓу нас и еден од основоположниците на Македонија, Петар Иваноски – Тиквар”, рече претседателот Иванов во поздравниот говор на доделувањето на орденот.

Тој нагласи дека денес може само да претпоставиме како изгледало Првото заседание на АСНОМ и каков бил говорот на Панко Брашнаров, Методија Андонов Ченто и на другите присутни делегати. Но, Петар Иваноски, рече претседателот Иванов, тоа го знае бидејќи учествувал на заседанието како млад борец со долг револуционерен стаж.

„Животната приказна на Петар Иваноски – Тиквар е како животот на Македонија – од ропство до слобода, од слобода до обесправеност, од обесправеност до независност и признавање. Затоа на овој свечен ден можеме со право да кажеме дека го претставува слободарскиот дух на НОБ и државотворниот дух на АСНОМ. Со орденот за заслуги за Македонија на овој начин му се заблагодаруваме нему, но и на сите родољуби кои учествуваа на АСНОМ”, потенцира претседателот Иванов.

Тој посочи дека денес кога имаме сопствена држава и сами носиме одлуки за нашата сегашност и иднина тоа го правиме поради АСНОМ. Поради АСНОМ, нагласи, денес слободно и без страв зборуваме, пишуваме и твориме на македонски јазик, слободно го прославуваме Илинден, ги уживаме основните граѓански права и слободи…

„АСНОМ беше можен само поради единството што го покажаа татковците на Македонија. Без тоа единство денес ние немаше да стоиме зад знамето на слободата. Седум децении по историскиот АСНОМ пред еден од учесниците се потсетуваме на најважното – дека како тогаш така и денес потребно е единство. АСНОМ не потсетува кога се во прашање националните интереси и стратегиските цели, треба да бидеме сложни и единствени онака како што беа сложни и единствени асномците“, рече претседателот Иванов.

tikvar02Заблагодарувајќи за честа што му е укажана, г. Петар Иваноски – Тиквар рече дека во Македонија во 1941 година имало големи групи луѓе кои биле подготвени да го дадат својот живот за слободата.

„На утрешниот ден во 1941 година се сврте македонскиот народ и му викна на окупаторот не ве сакаме. Од тој ден, од тоа не ве сакаме поминаа многу тешки денови, месеци и години дури не се создадоа услови да дојде денот да се свика Собранието на АСНОМ на кое се донесе решение за државност. Сите очекувавме дека Панко Брашнаров сериозно ќе го отоври Собранието и ќе зборува за тешките и мачни одлуки кои треба да се донесат. Но, тој имаше визија за Македонија и ни кажуваше каква ќе биде во иднина. На тој начин помогна полесно да се усвојат решенијата кои беа приготвени за да го добиеме тоа што другите го имаа, а ние го немавме – државноста”, рече Иваноски – Тиквар.

Посочи дека атмосферата надвор од салата каде што се одржувало заседанието била славеничка, бидејќи народот од сите локални села доаѓал да го слави Свети Илија.

„Бев радосен што можев лично да му честитам на Методи Андонов-Ченто кој ми беше сосед, соборец и сограѓанин и на Михајло Апостолски кој тогаш постана генерал. Македонија се здоби со своја независност и државност затоа што имаше многу луѓе што беа определени на борба дури и да го загубат животот. На тој пример би требало и денеска да се потсетиме и сега кога стоиме пред можноста да се здружиме со други држави и пријатели треба да го сториме тоа на еден убав начин”, рече Иваноски – Тиквар.

Претходно, Петар Иваноски – Тиквар и претставници на Сојузот на борци присуствуваа на церемонија на свечено менување на државното знаме која се одржа пред Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

zname