Во понеделник во Корча ќе се изврши Инаугурација на Прекуграничниот Биосферен Резерват на УНЕСКО

Понеделник, 13-ти Октомври, е денот кога во Корча, Албанија и официјално ќе се изврши Инаугурација на Прекуграничниот Биосферен Резерват на УНЕСКО .

Настанот ќе биде јавен и ќе започне со церемонија во 15 часот и 30 минути во Хотелот Гранд во Корча. На настанот ќе присуствуваат високи владини преставници , преставници на Парламентите, преставници на Општините , на УНЕСКО, ЕУ  и дипломатскиот кор.
Поздравни говори е предвидено да имаат Заменик премиерот на Република Албанија и Министрите за животна средина на Македонија и Албанија и преставниците на мисиите на Обединетите Нации и УНЕСКО.
Притоа преставниците на Националните Комисии на УНЕСКО ќе го предадат Сертификатот за прогласување на Прекуграничниот резерват на преставниците на Билатералниот Комитет и Секретаријат кои беа носители на активноста.
„Донесовме нова и врвна вредност за иднината на регионот Охрид Преспа. Ова е историски важна вредност за која ќе се учи и која ќе се практикува од наредните генерации и од неа треба да ги црпиме и еколошката заштита и одржливиот развој во регионот“ – истакна Дејан Пановски од Билатералниот Секретаријат за Охридско Езеро.
Паралелно со настанот на главната улица во Корча ќе се одвива презентација на производи од Биосферниот резерват а штандови ќе имаат и Националните Паркови од Македонија, производители на земјоделски производи и производители на вино, како поддршка на туристичката промоција и значење на Биосферниот резерват.