По повод 11-ти Октомври, Здружението на поддржувачи на ликот и делото на Јосип Броз – Тито, Охрид упати честитка, во која стои:
„Македонија во аналите на својата историја, најсилно го запечатува името на еден од најзначајните датуми во борбата за своја слобода и своја држава, 11-ти Октомври. На овој ден, ехото од Прилеп и Куманово, одекна силно во сите краишта на нашата земја, и сите нејзини синови застанаа силно и обединето под татковинското знаме, под кое подоцна беше извојувана и најголемата од сите победи, онаа за сопствениот идентитет и интегритет, за сопствена слободна држава и нација.
Денес, ние им се поклонуваме на тие великани, кои беспоштедно ги вложија своите животи во светлината на овој настан. Во миговите на заборав на основните вредности и постулати на слободата на македонско тло дозволете да се потсетиме, и истовремено нашите потомци да ги научиме на значењето и на неговата истрајна симболика.
Сега е моментот на мало приспомнување на најсамосвесните и најдоважните меѓу својата генерација, на носителите на борбата за државна самостојност, во Втората Светска Војна. Ние гордо треба да застанеме и да кажеме дека предводени од нивната самопрегорна жртва и мисија, претставуваме еден народ и една држава, крунисани на темелите на нивната борба за нашето денес. Овој де – факто клучен настан, длабоко вкоренет во македонската историја, е несомнено отсликување на нашата храброст и решителност за исполнување на сонот на генерации Македонци, за самостојна и суверена држава.
Историјата треба да го потсети македонскиот народ на сите негови храбри синови и ќерки од најзначајната епопеја во битката за наше парче земја, Народноослободителната. Трагите на оние кои беспоштедно ја вградија борбеноста во браниците на татковината и во аналите на нашето битисување, се нераскинливо испреплетени и поврзани со непокорноста и со нескршливиот дух на македонските илинденци, и со сите оние кои низ вековите бдееле над развојот на оваа нација. Нашата должност и обврската кон нивниот спомен не треба да ни дозволат, државните елити да ја прекројуваат историската подлога, и да ги минимизираат улогата и значењето на едни наспроти други, затоа што на тој начин, ќе бидеме одговорни и пред нашите предци, меѓутоа, првенствено пред оние што доаѓаат по нас!
Македонија мора и треба да им оддаде максимална почит на симболите на нејзиното слободарско минато, на сегашноста и на иднината. Тие столбови се олицетворение на младешките идеали на партизаните, како достојни наследници на илинденските принципи. Тоа е белегот на оние млади луѓе, кои ги дадоа своите животи, за некои други генерации да ги живеат нивните неотсонувани соништа, во едно друго и поубаво време! На тој начин, Македонија ќе ја развиеме во современа и демократска држава, на која ќе бидеме горди не само ние, туку и поколенијата што ќе ги оставиме во наследство!
Нека ни е честит и вековит овој ден!“– стои во честитиката.