Меморандум за соработка потпишаа денеска министерот за здравство Никола Тодоров и претседателот на Фондацијата за здравствена заштита од Белгија, д-р Жак де Тоуф. Фондацијата има меѓународна соработка со голем број држави, на ниво на министерства за здравство, академски институции и болници, од аспект на размена на академски и клинички искуства, третман на пациенти, како и имплементација на здравствени технологии.
Министерот Тодоров истакна дека со меморандумот се овозможуваат едукации за доктори-специјалисти, медицински сестри, рентген-техничари и други здравствени работници, како и за останатиот медицински и технички персонал и организациските менаџери од Република Македонија, во болниците-членки на оваа фондација (меѓу кои се реномираните универзитетски болници во Брисел, Лувен, Едит Кавели – групација на врвни приватни болници, и други).
„Особено ќе се фокусираме на соработка во следните медицински области: кардиохирургија, гинеколошка онкологија, трансплантација, лапараскопска хирургија, анестезиологија, неврологија и неврохирургија, радиологија и радиотерапија, како и интерна медицина, општа хирургија, педијатрија, гинекологија, ортопедска хирургија, офталмологија, дерматологија и други области,“ посочи Тодоров.
Нагласи дека со воспоставената соработка се предвидува медицински експерти од болниците-членки на фондацијата да спроведуваат обуки на кадарот од повеќе медицински центри во Република Македонија.
„Воедно, соработката опфаќа и активно вклучување на македонски здравствени работници во интернационални научно-истражувачки проекти и релевантни публикации од областа на медицината. На овој начин, за македонскиот здравствен кадар ќе овозможиме размена на искуства, знаења и вештини кои ќе ги применуваат во насока на воведување нови методи во работата, а воедно и унапредување на квалитетот на здравствените услуги во државата“, рече Тодоров.
Со ова, појасни, го прошируваме кругот на болници од Европа и светот со кои Министерството за здравство има склучено договори или меморандуми за соработка кои овозможуваат испраќање лекари од Македонија во тие институции за да бидат обучени за имплементација на нови методи и напредни техники, како и да можат заедно со нивните колеги од странство да ги воведат тие методи во Македонија.
„Ќе бидат испраќани лекари во овие здравствени институции во Белгија и лекари од Белгија ќе доаѓаат во Македонија со цел да се воведуваат новите методи од страна на нашите лекари“, додаде Тодоров.
д-р Жак де Тоуф истакна дека нивната групација се состои од седум универзитетски болници.
„Македонските медицински работници од радиологија и други специјалности ќе бидат прифатени во нашите болници за да учествуваат во нашите дневни активности и може да изберат област во која ќе се здобијат со искуство. Должината на нивниот престој за обуката ќе биде дефинирана однапред. Нема тоа да биде теоретска обука, туку ќе биде и практична работа“, рече д-р Жак де Тоуф.
Посочи дека ќе се формира група од македонските доктори кои се едуцираат и од докторите во Белгија, која ќе дојде во Македонија и ќе се овозможи континуирана соработка.
Шефот на Одделот за кардиохирургија Дидиер де Каниере рече дека кардиохирургијата ќе биде еден од приоритетите во соработката.
Одговарајќи на новинарско прашање Тодоров рече дека д-р Жак де Тоуф и Дидиер де Каниере ќе ја посетат Државната кардиохирургија и ќе разговараат за воведување на нова метода која ќе овозможи значително намалување на периодот на рехабилитација.
„Тие во Белгија успеале периодот на рехабилитација од 80 дена да го намалат на 20 дена и тоа е голема новина во медицината. Станува збор за врвни кардиохирурзи и во соработка со нашите кардиохирурзи ќе се обидеме тој нов метод на операции да го воведеме во Република Македонија“, посочи Тодоров.
Бидејќи станува збор за седум универзитетски болници, истакна, ќе има можност поголем број доктори и останат медицински персонал да бидат испратени во тие здравствени установи.
Појасни дека ако до годинава таргетот бил до 500 доктори, сестри и медицински персонал да бидат испратени во странство, идната година само за една година таргетот е 1.000 од кои најмалку 800 доктори.
„Идејата е да немаме доктор и останат медицински персонал во Македонија во период од наредните две години кој не бил на едукација во странство“, додаде Тодоров.