„Разменетите искуства и согледувања изнесени на оваа меѓународна конференција ќе допринесат во разбирањето на феноменот на радикализација на младите лица но и во изнаоѓање соодветни модели за негово сузбивање и превенирање“, истакна, меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во денешното поздравно обраќање во рамки на дводневната меѓународна конференција на тема – “Тероризам: Превенција од радикализација на младата популација“ што се одржува во Охрид.
Јанкулоска потенцираше дека станува збор за комплексна појава, каде посебно ранлива категорија се млади лица со нецелосно оформено образование, најчесто од нестабилни социјални средини, кои се лесно подложни на манипулација. “Поттикнати од политички, економски или културно-социолошки фактори, овие лица се самоидентификуваат со идеологиите на екстремни и радикални структури“, нагласи Јанкулоска.
Во продолжение интегрално го пренесуваме излагањето на министерката Јанкулоска:
„Ми претставува чест и особено задоволство во име на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и во мое лично име да им се заблагодарам на сите учесници за дадениот придонес во разбирањето на феноменот на радикализација на младите лица. Се надевам дека разменетите искуства и согледувања изнесени на оваа меѓународна конференција ќе допринесат во изнаоѓање соодветни модели за негово сузбивање и превенирање.
Станува збор за комплексна појава, каде посебно ранлива категорија се млади лица со нецелосно оформено образование, најчесто од нестабилни социјални средини, кои се лесно подложни на манипулација. Поттикнати од политички, економски или културно-социолошки фактори, овие лица се самоидентификуваат со идеологиите на екстремни и радикални структури.
Современите средства за комуникација, кои се дел од секојдневието на младата популација и овозможуваат брза конекција и лесна достапност до информации, во овој случај се користат како инструмент за радикализирање и придобивање нови приврзаници. Преку постирање текстови, фотографии и видеоклипови на оnline форматите значително се забрзува и засилува процесот на радикализација.
Во минатото овој безбедносен проблем претставуваше интерес пред се на безбедносно-разузнавачките служби, кои по својата природа се занимаваат со последиците, но не и со причините за радикализација. Искуствата покажаа дека репресијата не е единственото решение. Растечкиот тренд на овој феномен и предизвикот за навремено попречување и превенирање, ја нагласија потребата од зголемен и сеопфатен ангажман на општествената заедница.
Покрај семејството, значајна е улогата на институциите од воспитно-образовниот процес, кои преку натамошно спроведување и унапредување на образовните програми позитивно влијаат во превенирањето на оваа појава кај младите лица и зајакнувањето на основните општествени вредности.
Имајќи ја предвид мултиконфесионалноста на општествата, треба да се потенцира и улогата на верските заедници во унапредување на верската толеранција, промовирање на меѓукултурниот дијалог, како и спречување на говорот на омраза меѓу младата популација.
Заради адекватно и навремено справување со потенцијалните закани од било каков појавен облик на радикализација, Министерството за внатрешни работи, согласно своите надлежности, постојано ја надоградува својата професионална структура и ги зајакнува своите капацитети.
Ефикасната превенција и сузбивање на појавните облици на овој феномен подразбира постојано унапредување на соработката меѓу институциите, надградба на нормативните акти и нивна хармонизација со европското и меѓународно законодавство, во рамки на определбите на Република Македонија за приближување кон европските и евроатлантските структури.
Во таа насока се и најновите измени во Кривичниот законик на Република Македонија со кои се санкционира регрутацијата, обуката, агитирањето, логистиката, финансирањето и учеството на лица во воени конфликти надвор од државата и во странски паравојски и терористички организации.
Унапредувањето на билатералната и мултилатералната соработка овозможува вистинско димензионирање на појавите и тенденциите на радикализација во регионот и пошироко, заради навремено реагирање и спротивставување на овој опасен проблем.
Во оваа прилика, би истакнала дека одржување на вакви конференции овозможува размена на искуства и добри практики, и изнаоѓање на соодветни механизми за поефикасно справување со овој предизвик.
Би сакала да изразам благодарност за прифаќањето на поканата и вашето присуство на Конференцијата и длабоко сум уверена дека истата ќе биде поттик за натамошно продлабочување на соработката меѓу институциите кои ги претставуваме“.– истакна министерката Јанкулоска.