Одржан шестиот Фестивал на фигури од овошје и зеленчук

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска присуствуваше на шестиот Фестивал на фигури од овошје и зеленчук „Сочни фигури“, кој традиционално се одржа во ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Тој потенцираше дека настанот е пред се благороден и ја покажува големината, квалитетот и потенцијалот кој го имаат учениците со посебни потреби, но и дека само со директен ангажман може да им се помогне на децата на кои им е потребна дополнителна поддршка, пред се во делот на образованието.

„Со изработката на фигурите од овошје и зеленчук учениците ја покажаа својата креативност. Ова е многу значајно пред се за инклузијата на учениците со посебни потреби во секојдневното функционирање во делот на креативноста и развојот на нивниот капацитет“, рече Ристовски.

На фестивалот организиран од Slow Food „Св. Наум Охридски“ од Скопје, учествуваа ученици од 22 основни училишта од земјава, кои преку забава и работа, меѓусебно се запознаваат и дружат, со цел да се надминат сите видови различитости.