Во периодот од 08-14 октомври 2014 година, во Република Македонија престојуваше делегација на Народна Република Кина предводена од Заменик генерален директор на Сектор за регистрација при Институтот за сертификација и акредитација, во чиј состав беа и Заменик директорот на Сектор за надзор на храна при Биро за гранична инспекција и карантин, и Генерален директор на Институт за инспекција и карантин.
Цел на посетата беше техничка контрола, односно запознавање со системот за безбедност на храна од животинско потекло во Република Македонија, во делот на официјалните контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија, но и од страна на операторите со храна.
При контролата беа опфатени следниве области: здравствена заштита на животните, спроведувањето на законските прописи од областа на безбедноста на храната, мониторинг планови, контрола на лабораториските капацитети, вклучувајќи и посета на соодветните институции, односно оператори со храна на лице место.
Во текот на престојот, делегацијата од Народна Република Кина беше придружувана од претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство, при што беа посетени објекти и оператори со храна меѓу кои лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина, еден објект за производство, обработка и манипулација со производи од млеко, две кланици одобрени за колење на јагниња, еден објект за производство, обработка и манипулација со производи од месо, еден објект за производство на храна за животни, фарма за одгледување на овци и еден објект за производство на вино.
По извршената инспекција и теренските активности, контатирано е дека системот за контрола на безбедноста на храната во Република Македонија е на многу високо ниво, како во делот на административните процедури, така и од аспект на градежно, техничко и технолошка подготвеност или поставеност на операторите со храна во целост. Достигнати се високи стандарди во делот на безбедноста на храната, кои даваат соодветна гаранција за безбедни и квалитетни производи.
Како резултат на ваквата констатација, следеше парафирање на Протоколот за извоз на јагнешко месо од Република Македонија на пазарот во Народна Република Кина, како и за проширување на извозот и во делот на млечниот сектор.