Изминатата недела пријавени 1715 лица со симптоми на грип

Како што информираат од институтот за јавно здравје на Република Македонија, во текот на четвртата недела од 2013 година (од 21.01 – 27.01.2013 година), на групни пријави за грип се пријавени 1715 лица со симптоми на грип во Република Македонија.

Ова претставува зголемување на бројот на заболени во однос на претходната недела за повеќе од 2 пати, а во однос на истата недела лани за нешто помалку од 6 пати.

Во однос на просечниот број на заболени за истата недела во изминатите 10 години (без пандемската 2009 година), бројот на заболени е поголем за 70%.

Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2012/2013 (1 октомври/ 40 недела) заклучно со 4 недела 2013 година, изнесува 3474 лица.

Во споредба со истиот период од минатата година постои зголемување на бројот на заболени за повеќе од два пати, а во однос на просекот за истиот период во последните 10 години (со исклучок на пандемската 2009 година) се регистрира намалување на бројот на заболени кое изнесува 30,2%.

Од вкупниот број на заболени во оваа сезона, 66 заболени лица (1,9%) се регистрирани во октомври, 235 лица (6,8%) се регистрирани во текот на ноември месец, 8,5% (296 заболени) се пријавени во декември, а во јануари пријавени се вкупно 2877 заболени лица или 82,8% од вкупниот број на регистрирани заболени.

Најголем број и процент од заболените се пријавени од страна на од ЦЈЗ Скопје пријавени се 684 (20%), ЦЈЗ Тетово – 593 (17%), од ЦЈЗ Струмица 475 заболени лица или 14% од вкупниот број на заболени, следува ЦЈЗ Куманово со 344 (10%) пријавени заболени од грип.

Заклучно со четвртата недела од 2013 година, 28 извештајни единици (Центри за јавно здравје и нивни ПЕ) во Македонија пријавиле заболени со симптоми на грип на својата територија, но дури 12 од нив пријавиле помалку од 10 заболени за целата сезона.

Само 3 извештајни единици (ЦЈЗ/ПЕ) не пријавиле ниту еден случај.

Во однос на возрасната распределба, најголем процент од заболените (59,7%) се на возраст од 15-64 години. Процентуално учество од 16,1% има возрасната група до 5-14 години, следува групата деца на возраст до 4 години (13,8%), а со најмал процент се застапени лицата над 65 години (10,5%). Највисок морбидитетот и понатаму се бележи кај децата од 0-4 годишна возраст кој изнесува 42 заболени на 10.000 жители.