Почнувајќи од наредната недела, во претстојниот период до крајот на годината во речиси секој здравствен дом во Република Македонија ќе биде отворен дневен центар за лекување на депресија. Станува збор за нов проект од областа на превенција на менталното здравје.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека станува збор за центри кои ќе работат еднаш неделно, во период од 14 до 20 часот. Во секој центар, посочи министерот, ќе биде ангажиран по еден специјалист психијатар, кој ќе дава здравствени услуги на пациентите без претходно закажан термин, а по потреба ќе ги упатува на натамошно лекување.
„Просторот е обезбеден во рамки на здравствените домови, а во однос на кадарот ќе бидат ангажирани докторите-специјалисти во областа на психијатрија кои се веќе вработени во здравствените домови. Во здравствените домови каде нема вработено специјалист психијатар, здравствената услуга ќе биде покриена од страна на психијатар вработен во општа, клиничка или специјална психијатриска болница во истата или најблиска општина“, потенцира Тодоров.
Појасни дека со отворање на центрите за депресија овозможуваат дополнување на здравствениот систем во областа на душевното здравје кој во јавно здравствениот систем во Македонија е претставен со три специјални психијатриски болници, психијатриски одделенија во шест општи и три клинички болници, како и Универзитетска клиника за психијатрија-Скопје како установа од терциерно ниво.
„Депресијата е болест на современото општество и во нејзиниот третман потребно е да се вклучат не само за професионалците во областа на менталното здравје, туку и за експертите како што се социолози, психолози, педагози и др. Депресијата претставува психијатриско растројство кај кое главен симптом е патолошки намалено расположение“, рече Тодоров.
Тој нагласи дека според податоците од Светска здравствена организација, околу 350 милиони луѓе од сите возрасни групи, националности и други групи страдаат од депресија. Се смета, посочи, дека во просек секоја петта жена и секој десетти маж во текот на животот ќе искусат барем една сериозна епизода на депресивно растројство.
„Статистиките покажуваат дека 7 отсто од популацијата во европскиот регион страда од потешки форми на депресија (таканаречена мајор депресија), и таа бројка достигнува и до 25 отсто од општата популација ако се вклучат и полесните форми, како и оние поврзани со анксиозност. Водечките светски организации и институции нагласуваат дека депресијата прераснува во сè позначаен јавно здравствен аспект кој има изразени импликации врз модерните општества, како на здравствено и социјално, така и на економско поле“, рече Тодоров.
Во исто време, депресијата е водечка состојба на коморбидитет со други заболувања (како на пр: кардиоваскуларни заболувања). Министерството за здравство во соработка со Клиниката за психијатрија, укажа министерот, изготви акциски план за отворање на центрите за депресија во рамки на здравствените домови низ целата територија на Република Македонија.
Во првата фаза на проектот, до крајот на месец октомври, ќе бидат отворени центри за депресија во рамки на ЈЗУ Здравствен дом Скопје со амбуланти во поликлиниките Букурешт, „Јане Сандански“, Ченто и Ѓорче Петров; Центар за депресија во рамки на ЈЗУ Здравствен дом Демир Хисар, Центар за депресија во рамки на Здравствен дом Битола и Центар за депресија во рамки на Здравствен дом Велес.
Во втората фаза на проектот, во текот на ноември, ќе бидат отворени центри за депресија во рамки на Здравствена станица Железара Скопје, здравствените домови Железничар Скопје, Делчево, Гевгелија, Штип, Струга, Тетово, Гостивар, Охрид, Прилеп, Струмица, Куманово и Кавадарци. Во третата фаза на проектот, во текот на декември, ќе бидат отворени центри за депресија во рамки на здравствените домови во Пробиштип, Радовиш, Свети Николе, Ресен, Дебар и Кочани. Во четвртата фаза на проектот, во текот на февруари, ќе бидат отворени центри за депресија во рамки на здравствените домовите во Кратово, Крива Паланка, Вевчани, Берово, Пехчево, Валандово, Крушево, Ростуше и Липково.
„Овие центри ќе функционираат како сервиси на заедницата надвор од болничките установи, со цел превенција на депресијата, истовремено исклучувајќи ги аспектите на стигматизација. Во текот на имплементација на проектот, согласно проценетите потреби, Министерството за здравство соодветно ќе ги прошири тимовите со цел да обезбеди мултидисциплинарен пристап во работата на центрите“, додаде Тодоров.
Доктор Зоја Бабинкостова од Универзитетска клиника за психијатрија рече дека за депресивно растројство повеќе фактори се во прашање, како што се биолошки, психолошки и социолошки.
„Она што се жалат тие луѓе се депресивните симптоми како што се депресивно расположение, социјално повлекување, професионална нефункционалност“…, додаде Бабинкостова.