Отпочна процесот на селекција на пријавените кандидати за полициски службеници

Министерството за внатрешни работи денес отпочна со првата фаза на селекција на кандидатите за полициски службеници која опфаќа проверка на моторичките способности. Во Центарот за обука во Идризово и во касарните „Илинден“и „Ѓорче Петров“, согласно изготвениот план и агенда за спроведување на постапката, до петок ќе се врши проверка на вкупно 2622 кандидати кои се пријавија на конкурсот за вработување на 600 полицајци. Според полот, на овој конкурс се пријавија 2091 мажи и 531 жена, додека според етничката припадност 2080 кандидати се Македонци, додека останатите 542 каднидати се припадници на останатите етнички заедници.

Проверката на моторичките способности подразбира за мажи 60 стомачни, 55 склекови, трчање на 3200 м за 13,30 минути и 10 згибови на вратило а за жени 60 стомачни, 27 склекови и 3200 м за 16,30 минути, како и други физички проверки определени од страна на Комисијата.

Во текот на наредната недела, кандидатите кои ја поминале првата фаза, ќе бидат повикани во втората и третата фаза од постапката на селекција, односно на психолошко тестирање и писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и изработка на есеј. Во последните две фази кои ќе се реализираат во втората половина од месецот, оние кандидати кои ќе ги минат безбедносните проверки, ќе бидат интервјуирани и подложени на здравствени прегледи.

Кон крајот на месецот се очекува целосно да заврши процедурата на селекција по која би биле избрани 660 кандидати кои ќе ја отпочнат едногодишната обука во центарот за обука во идризово.

Паралелно со процесот на селекција на кандидатите за полициски службеници, ќе се одвива и селекцијата на 52 извршители со високо образование. На овој конкурс пријавени се 1260 кандидати од кои 933 на работните места во Министерството за внатрешни работи и Секторот за внатрешни работи Скопје, додека останатите 327 кандидати конкурираа по останатите Сектори. Најголемиот дел од нив аплицираа за СВР Битола 77, потоа СВР Охрид 76, а најмалку во СВР СТрумица 34 и СВР Тетово 28.