Обраќање на министерот Јолевски на вториот панел посветен на тема: Авганистан во пост ИСАФ периодот – можности за заеднички придонес

На вчерашниот втор панел во рамки на Сеопфатниот регионален министерски состанок, министерот Јолевски имаше свое обраќање посветен на идната можна соработка на земјите од САД-Јадранската повелба во НАТО мисиите, по завршувањето на мисијата ИСАФ во Авганистан.

Сите земји кои придонесуваат во ИСАФ, сме горди на нашите војници, на нивната посветеност, големиот ангажман и жртва која ја дадоа за подобра иднина на Авганистан и авганистанскиот народ. Присуството на нашите војници во Авганистан во рамки на мисијата ИСАФ претставува голем национален и регионален придонес во поддршка на авганистанските власти во изградбата на демократско, безбедно и просперитетно општество, рече министерот Јолевски.

Во оваа прилика тој додаде: Досегашниот заеднички придонес во ИСАФ се покажа и докажа како вистински начин за унапредување на регионалната соработка, интензивирање на пријателството помеѓу земјите во регионот и бенефит за сите учесници. Заедничкото учество во ИСАФ даде значаен придонес и кон заедничките обуки пред распоредувањето во Авганистан. Оваа пракса беше многу корисна и истата би требало да продолжи преку организирање на заеднички вежби која ќе биде од голема корист за сите земји.

Во рамки на вчерашните состаноци беше потпишана и заедничката изјава на министрите од А-5 во која се истакнува силната поддршка за што поскоро членство на Република Македонија во НАТО, продолжување на соработката во сојузничките операции и мисии, унапредување на регионалната соработка на полето на справување со катастрофи и продолжување на работата во духот на концептот Паметна одбрана.

Министерот Јолевски во текот на вчерашниот ден оствари средби и со заменик помошникот на секретарот за одбрана на САД, д-р Евелин Фаркаш, при што беа разменети мислења за новата безбедносна закана која доаѓа од исток под името ИСИЛ, како и со директорот на Центарот за безбедносна соработка, RACVIAC, Бранимир Мандиќ на која се разговараше за идните проекти на овој Центар и продолжување и интензивирање на соработката со Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

DSC_0152_resize