Во периодот од 17-ти до 19-ти октомври, во с.Голозинци Општина Чашка, во организација на Сојузот на извидници на Македонија се одржа овогодинешниот државен извиднички натпревар за ориентација во природа, на кој што учество зедоа извидници во машка и женска категорија.
„Таму извидниците од повеќе градови од Македонија имаа прилика да поминат три незаборавни денови преку дружење и јакнење на своите лични и колективни капацитети покажувајќи вештини од областите на ориентација во простор, топографија, подготовка на храна во природа изработка на времени живеалишта, животни вештини и др. и сето тоа на простор од 30.км2.“– информира Зоран Костоски, старешина на И.О. Пионер.
Извидниците од извидничкиот одред ПИОНЕР од Охрид го освоија третото место во машка категорија и се закитија со бронзен медал.
„Со ова повторно во нашиот град заживува победничкиот извиднички дух и се продолжува традицијата која што беше згасната повеќе од една деценија. Да ја искористиме оваа пригода и да им посакаме подобри резултати на извидниците од нашиот град на следните натпревари со апел за помасовно вклучување на младите од Охрид во извидничкото скаутско движење каде што преку еднаков пристап кон сите ќе постигнеме за поздрави и покорисни идни генерации на нашата земја и нашиот град.“– вели Костоски.