Привршува снимањето на играниот филм „Ослободување на Скопје“

Вложувањата во филмската дејност и натаму остануваат едни од приоритетите на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура …

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ја посети екипата која работи на снимањето на долгометражниот игран филм „Ослободување на Скопје“ во режија на светски познатиот актер Раде Шербеџија. Сценарио за филмот е базирано според истоимениот драмски текст на Душан Јовановиќ.

„Навистина ми е драго што можев да присустувам на еден сет од снимањето на „Ослободување на Скопје“. Ме радува што целосно е запазена динамиката на снимање на филмот. Како што ме информираа, снимањето добро се одвивало на сите локации. Имав среќа да го видам и младиот актер Давид кој го толкува главниот лик во филмот кој верувам дека ќе се прослави со овој филм. Раде Шербеџија е внесен со целото срце и душа во снимањето. Навистина ми е драго што овој филм е во копродукција со Хрватска и Финска. И финскиот копродуцент е тука и тој изрази големо задоволство од она што е сработено и од текот на снимањето на филмот. Навистина очекувам позитивни реакции“ – изјави Канческа-Милевска.

Таа истакна дека вложувањата во филмската дејност и натаму остануваат еден од приоритфетите на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура и дека со изградба на филмско студио, значително ќе им се олесни работата на домашните и на странските филмски екипи што во иднина ќе сакаат да снимаат во Република Македонија.

Според режисерот Шербеџија снимањето на филмот завршува во петок, а денеска се снимаше депоратацијата на Евреите која се случила во Скопје во 1944 година.

Актерската екипа ја сочинуваат Давид Тодосовски, Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула и Аксел Мехмед. Директор на фотографија е Дејан Димески, а автор на музиката е Влатко Стефановски. Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола.

Снимањето на филмот започна во Велес, продолжи во Битола, а ќе заврши во Скопје. Филмот е копродукциски проект меѓу Република Македонија, Република Хрватска и Финска. Вкупниот буџет за филмот е 2.110 милиони евра од кои Македонија преку Агенцијата за филм обезбеди 1.250.000 евра, а Еуримаж 310.000 евра. Филмот „Ослободување на Скопје“ треба да биде готов следната година.

set_skopje_04_640