Започна националната кампања против користење недозволени допинг супстанции

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Марјан Спасески на денешната прес-конференција ја најави новата кампања за подигнување на свеста за ризикот од користењето на допингот во спортот. Станува збор за проект добиен со грант од „Фондот за елиминација на допингот од спортот“ на УНЕСКО во висина од 20 илјади евра.

АМС во соработка Националната анти-допинг почнувајќи од денеска ќе реализира низа работилници, семинари-едукативни предавања за штетноста од користењето на забранети супстанци.

„Целта е низ ваквите семинари и работилници, како и преку печатените материјали и медиумската кампања да се подигне свеста за штетните последици од допингувањето, свеста за важноста од зачувувањето и негувањето на спортската етика и фер-плејот, како и свеста за последиците по кариерата на спортистите кои произлегуваат кога надлежните ќе констатираат употреба на недозволени допинг средства и методи“, – рече Спасески.

Целната група на овој проект се спортисти, спортскиот персонал и медицинските лица вклучени во тренажниот процес, националните спортски федерации, клубовите, спортистите.

Директорот на АМС очекува одлична соработка од партнери во Проектот, а тоа се националните спортски федерации, Македонскиот олимписки комитет, Сојузот на спортските федерации на Македонија, факултетите за спорт и физичка култура и медиумите.

„Во духот на Конвенцијата би кажале дека започнувањето на ваков вид едукативни семинари е во правец на помагање во заштитата на спортската етика како и во правец на зачувување на интегритетот на „чистиот“ спорт. Ангажираните експерти од оваа област, ќе ги запознаат присутните со новините од областа на допинг супстанците, забранетите допинг средства и методи, односно ќе обезбедат едукација и информираност во правец на борбата против допингот во спортот“, – истакна Спасески.

Македонија од 2008 година е потписник на Меѓународната конвенција за борба против допингот на УНЕСКО и со чинот на ратификацијата нашата држава презема обврска да спроведе сопствена национална политика во однос на борбата против допингот во спортот.

Во таа насока, согласно одредбите на Законот за спорт формирано е Национално координативно тело за борба против допингот во спортот односно Комисијата за анти-допинг која функционира во рамките на Агенцијата за млади и спорт.

„Проектот кој денес започнува, е од огромно значење за Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт. Тоа значи дека Република Македонија ги следи европските стандарди и е држава која во целост ги спроведува допинг контролите врз спортистите согласно меѓународната конвенција и правилата и процедурите на ВАДА“, – потенцира директорот на АМС.

За важноста на проектот на средбата со новинарите говореше и д-р Илија Стоилов кој побара поддршка од медиумите во борбата против допингот.

„Чистиот спорт подразбира заштита на интегритетот на спортот, заштита на физичкото здравје и менталниот интегритет на спортистите, и обезбедување на еднакви услови за сите натпреварувачи така што резултатите ќе бидат фер рефлексија на природните способности на натпреварувачите“, – нагласи Стоилов и додаде дека со оваа кампања ќе бидат заштитени и спортистите кои ненамерно, од незнаење за забранетите супстанци, прават допинг прекршок.

Спортистите преку изработените брошури може да се информираат за процедурата како да ги користат потребните забранети супстанции поради здравствени причини, односно за терапевтска употреба (ДТУ) и да избегнат евентуални казни наменети за допингуваните.

Проектот е предвидено да трае до март следната година.