Денес, во присуство на претставници на Владата на Република Македонија, претставници на дипломатскиот кор, бизнис заедницата и други соработници на Царинската управа беше одбележан официјалниот крај на два проекти во Царинската управа, финансирани од Европската унија во областа на Интегрирана тарифна околина.
Царинската управа го воведе и бизнис концептот “Интегрирана тарифна околина (ИТО), со цел да се приближи кон заедничкиот европски пазар и Царинската унија на ЕУ.
Овој концепт претставува групирање на сите податоци во врска со увозните, извозните и транзитните постапки, во повеќе комјутерски системи, во кои е овозможена размена на информации помеѓу Европската комисија и земјите члнки на ЕУ. Овие податоци се обработуваат во соодветни модули на системот.
Првиот модул ги опфаќа податоците за пресметка на царинските давачки, што е од суштинско значење за доследна и ефикасна наплата на точни царински давачки и спроведување на другите трговски мерки. Преку имплементираниот систем се овозможува он-лајн (електронски) пристап за царинските давачки, националниот ДДВ, националната акциза и националните нетарифни мерки односно ограничувања при увоз и извоз (дозволи или одобренија). Воедно, модулот на ТАРИМ содржи дополнителни информации што ќе ја олеснат консултација на законските прописи, а информациите во системот ќе останат достапни и по истекување на нивниот рок на важност. Преку овој модул се овозможува пресметка на царинските и другите давачки и добивање информации во однос на документите (дозволи/сертификати) кои им се потребни на економските оператори при увоз и извоз.
Вториот модул е системот за квоти, кој управува со квотите на ЕУ при увоз врз основа на принципот „прв дојден, прв корисник“. Модулот ”Систем за надзор” служи за следење на увозот и извозот и ја поддржува примената на трговските мерки;
Модулот “Задолжителни тарифни информации” е систем за управување и објавување на задолжителни тарифни информации кои ќе бидат достапни на економските оператори преку електронска комуникација во организирана база на податоци.
Модулот “Попис на хемиски супстанци” овозможува примена најновата на листа на супстанци за кои се пропишани посебни режими на контрола и Системот за управување со примероци содржи база на примероци од царински печати, пломби и потребни документи за царинските службеници при спроведувањето на царинските постапки.
Во рамките на пристапот ориентиран кон клиентите, најважниот аспект се придобивките од системот за економските оператори, на кои ќе им се овозможи поефикасно работење согласно тековните европски стандарди, уште пред пристапувањето во ЕУ. По пристапување во ЕУ, ќе се овозможи примена на мерките на ЕУ преку истиот систем, што ќе се овозможи унифицираната примена на царинските мерки, поголема транспарентност и поразбирливи информации, поголема ефикасност во севкупното царинско работење и поголема стручност и поквалитетна услуга од страна на царинските службеници.
Сето ова ќе овозможи заштеди за економските оператори и Царинската управа, преку: електронска објава на интегрирани тарифни податоци, администрација и одржување на точни и ажурирани податоци, автоматска валидација на тарифните ознаки и други податоци, автоматско пресметување на давачки и унифицирана и доследна примена на регулативaта.
Развојот на ИТО системите беше реализиран во рамките на проектот „Развој на системите за Интегрирана тарифна околина“ имплементиран од страна на конзорциумот SIVECO – Bull, со постојана поддршка и соработка со проектот за „Поддршка во управувањето со системите за Интегрирана тарифна околина“ имплементиран од страна на компанијата FAA, и Царинската управа на Република Македонија. За потребите на овие системи, во рамките на Проектот беше набавена и ставена во функција и соодветна компјутерска опрема.
Вкупниот износ на целокупниот проект за воведување на ИТО изнесува 2,7 милиони евра, од кои 2,4 милиони евра се средства финансирани од страна на Европската унија, додека 330 илјади евра се национално кофинансирање, обезбедени од страна на Владата на Република Македонија.
Значајно е да се истакне дека преку нашата веб страна економските оператори веќе имаат пристап до делот за пресметка во рамките на модулот за ТАРИМ.
Во своето обраќање, директорот на Царинската управа г-ѓа Наташа Радеска Крстевска истакна дека ИТО е еден од најзначајните проекти на Царинската управа, затоа што со неговата имплементација Царинската управа е чекор поблиску до Царинската унија на ЕУ и дека успехот на овој проект се должи на целосната посветеност на проектен тим на Царинската управа и компаниите кои ги реализираа поединечните проекти.
Евроамбасадорот Орав рече дека придобивките од системот за интегрирана тарифна околина ќе се почувствуваат и пред пристапувањето на земјата во ЕУ. Економските оператори ќе имааат онлајн пристап до потребните информации, ќе можат да ги пресметуваат давачките и да ги идентификуваат потребните документи. Ова значи поедноставен, побрз и потранспарентен пристап до информации, што ќе има позитивно влијание на нивната секојдневна работа.