Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, по повод празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упатува искрени честитки до сите припадници на Армијата на Република Македонија и сите граѓани на Република Македонија.
„Денес е денот кога пред повеќе од еден век преку создавањето на македонската револуционерна организација се потврди и идеалот за создавање на независна и засебна Македонија. Стремежот на македонскиот народ и на сите граѓани на Македонија отсекогаш биле мирот, демократијата, слободата и еднаквоста. Тие се нераскинлив дел од нашата свест и нашето постоење. Изразувајќи благодарност до сите оние кои се бореле за овие идеали, министерот Јолевски, ја истакнува определбата Македонија да биде уште понапредна, уште поразвиена и уште побезбедна.
Во тој дух, припадниците на Армијата на Република Македонија, се цврсто определени, со сето свое знаење и умеење да го бранат територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија и цивилизациските вредности врз кои е изградена нашата татковина. Македонските мировници придонесуваат слободата, мирот и демократијата да бидат столб и на општествата каде се распределени во мировни мисии“, истакнува министерот Јолевски.
По повод празникот, министерот Јолевски и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески положија венци со свежо цвеќе пред споменикот на основачите на Внатрешната македонска револуционерна организација, во Скопје.