Неопходна ни е сплотеноста за да истраеме во нашата цел – Обраќање на претседателот Иванов по повод Денот на македонската револуционерна борба

Неопходна ни е сплотеноста за да истраеме во нашата цел – Обраќање на претседателот Иванов по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани присутни,
Дами и господа,

Крајот на стариот и почетокот на новиот век секогаш се доживувал со еуфорија. Оние чиј век бил на залез, чувствувале страв и неизвесност од иднината. Оние, пак, кои дотогаш биле обесправени, со храброст и со оптимизам ја очекувале новата доба.

По многу нешта, крајот на 19 и почетокот на 20 век беше златната доба на западната цивилизација. За Европа, тоа беше период на релативна социјална стабилност, мирни меѓународни односи, политички реформи и економски интеграции, со дотогаш невиден технолошки и културен напредок. Напредокот се пробиваше преку железниците, преку новите откритија, преку телеграфот, телефонот. Електричната енергија што од електричните централи дојде до фабриките и домаќинствата беше во функција на индустријализмот, трговијата и брзиот економски развој. Во 1901-та започна да се доделува и Нобеловата награда за физика, хемија, медицина, литература и мир.

На сево ова што го одбележа крајот на 19 и почетокот на 20 век претходеа револуциите. Револуционерните години од 1830, 1848 и 1871-та го навестија крајот на старите режими и империите на 19 век. Токму таа 1871-ва, што ја донесе Париската комуна, беше година на обединувањето на Италија и Германија. 1871-та најави слични процеси и стремежи во другите делови на Европа.

На Берлинскиот конгрес од 1878 некои народи добија независност. Оние што сè уште не беа независни, трпеливо и со оптимизам гледаа на залезот на старите империи и зората на новите суверени национални држави. Како што болниот од Босфорот ги губеше териториите, а народите во Австро-Унгарија добиваа сè пошироки културни автономии, се рашири очекувањето дека со почетокот на 20 век, ќе дојде нова епоха, епоха на слободата.

Ваков бил еуфоричниот амбиент во кој на 23 октомври во 1893 година, само седум години пред почетокот на новиот и надежен 20 век, шестмина Македонци се собраа на едно место. Се собраа и рекоа: тоа што го имаат другите европски народи ќе го имаме и ние – слободна и независна македонска држава.

На тој ден, 23 октомври, во Солун ја создадоа првата семакедонска организација. Најмладиот меѓу нив е 22-годишниот учител Даме Груев. Најстариот е 32-годишниот книжар Иван Хаџи Николов. Тие, заедно со д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев го трасираа патот на организираната македонска револуционерна борба и ги дадоа нејзините основни насоки.

Цврсто уверен дека слободата може единствено да се освои со сопствени сили, Иван Хаџи Николов, порача: „Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади”.
На овој принцип подоцна се надоврза и Гоце Делчев, кој во 1901-та рече: „Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!”

Корифеите на македонската револуционерна борба ја почитуваа и прифаќаа различноста на Македонија и сакаа слобода и еднаквост на сите нејзини чеда. Ги отворија вратите за сите Македонци, Власи, Турци, Албанци кои биле подготвени да се борат за слобода на Македонија.

vmro02Почитувани сограѓани,

Основачите на Македонската револуционерна организација беа учители. Нивното дело го продолжија нивните ученици. Учениците учествуваа во востанијата за ослободување на Македонија. Тие пишуваа апели и декларации до големите сили и влегуваа во отворен конфликт со оние што ја делеа и одново ја поробуваа Македонија. Тие ја водеа борбата за Македонија низ целиот 20 век. Учениците беа интелектуалната елита која, иако не секогаш единствена околу средствата, беше единствена за целта – слобода за Македонија.

За мошне кратко време, во мошне сложени внатрешни и надворешни услови, македонската организација успеа да сплоти цел еден народ, една цела земја, под едно знаме и за една револуционерна цел.

Од семето посеано на 23 октомври 1893 година израсна стебло што дава богат плод. Но, како што вели старата мудрост, плодното дрво се каменува. Се каменува за да се обере плодот. Затоа, бевме изневерени, раскарани и поделени, подложени на терор и на насилна асимилација.

Само 10 години по формирањето на Македонската револуционерна организација, на 2 август 1903 година, на ден Илинден, започна илинденската епопеја. Славната Крушевска Република беше краткотрајна и крваво задушена. Многу Македонци, Власи, Албанци, Евреи ги дадоа животите за нашата слобода. Со нив умреа многу лични неостварени соништа, но не и сонот за слобода.

По Илинденското востание многу револуционери заминаа во европските и во светските метрополи за од слобода да се борат за слобода. И таму беа инспирација за македонскиот непокор, независност и еднаквост со другите европски народи. Но, со тоа Македонија остана без водачи на терен. Тоа им го олесни патот на туѓите пропаганди.

Во 1910 година оваа семакедонска организација го доби дефинитивното име: Внатрешна македонска револуционерна организација или ВМРО. Истата таа година настана раскол. Еден дел од организацијата отиде на лево, другиот дел на десно. Македонското револуционерно движење беше онеспособено, а Македонија и македонскиот народ беа распарчени во Балканските војни во 1912 и 1913-та.

Со почетокот на Првата светска војна македонските интелектуалци во странство го дигаат својот глас. Македонската колонија во Петроград во „Македонски глас” од октомври 1915 година печати апел на македонските патриоти до народните пратеници на Бугарија, Србија и Грција во кој се вели „Македонија треба да биде самостојна, целосна и независна”.

Во 1924 година, патот на левото и десното крило повторно се вкрсти во ВМРО (обединета). Во „Мајскиот манифест” на ВМРО со нова политичка програма, меѓу другото стои: „ВМРО во својство на вистинска револуционерна сила се бори за ослободување и обединување на раскараните делови на Македонија во една наполно самостојна (независна) политичка единица…” Крајната цел била да ја извојува слободата и независноста на Македонија, да го наложи создавањето на Балканската федерација, и да го осигури мирот на Балканот – за да го потпомогне востановувањето на мирот во цела Европа.

Основните програмски идеи на ВМРО ќе бидат прифатени и од работничкото движење, либералните и народни организации на Македонците, македонските литературни и културни организации. Сите идеолошки правци на Македонија произлегоа од револуционерното движење и од борбата за слобода на Внатрешната македонска револуционерна организација.

Во 1935 година поголема група млади Македонци во Загреб изработија Декларација што ги следи принципите на македонската револуционерна борба. Наредната година, во Охрид, околу 200 студенти, интелектуалци и познати Македонци, ќе го организираат конгресот на Македонскиот народен покрет – МАНАПО.

Конгресот зазема демократска, антифашистичка и македонско-патриотска ориентација. Одлуките ќе бидат ставени на тест на 11 Октомври 1941 година. Ден кога младите борци во Народноослободителната борба го продолжија маршот кон слободата што го беа започнале старите илинденци. Во првите редови е идеологот и организаторот на НОБ, Кузман Јосифовски-Питу.

vmro03Драги сограѓани,

Пред 70 години, Народноослободителната борба нè доведе до вториот, државотворен Илинден. „…Македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода”, се вели во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година.

Заседанието го отвори Панко Брашнаров, а го затвори Методија Андонов-Ченто, кој ќе биде избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Ченто и Брашнаров, како и многу други искрени патриоти станаа жртви на илинденските идеали во новата држава. Но, не беа заборавени. Нивниот спомен е тука, во овој Музеј на слободата.

Патот до слободата што го започнаа шестмината родољуби, го изодеа и илинденците и АСНОМ-ците, и комитите и партизаните.
Патот до слободата конечно го завршија македонските граѓани, на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година.
Со Декларацијата на независноста што е положена тука, на ова место, се оствари вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет. Стремеж за создавање сопствена самостојна, суверена и демократска држава – Република Македонија.

Овој светол празник, 23 Октомври, ги обединува генерациите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и за слободата на нашите деца.

Обременети со секојдневните предизвици, ние не секогаш ја сфаќаме длабочината и силата на тој стремеж да се биде свој на своето. Слободата ја сметаме како нешто што ни е подарено. И тоа е вистина. Подарена ни е, но не од туѓинци, туку од нашите предци, кои се бореа и кои се изборија за слободата што ние денес ја живееме. Тие се колнеа со заклетвата „слобода или смрт”. Многумина од нив одбраа смрт, за ние да имаме слобода. А преку нашата слобода, и тие живеат во нашиот спомен.

Никогаш нема целосно да ја знаеме цената што е платена за нашата слобода. Таа ни е оставена да ја чуваме и да ја развиваме за неродените. Нашиот стремеж е за подобар и за подостоинствен живот, тука, во Македонија, во земјата за која се бореа предците.

Градиме музеи и чествуваме празници за да се сеќаваме и да учиме од минатото. Но, како што градиме за минатото, градиме и во сегашноста за иднината. Со континуирани реформи на секој план, градиме европска иднина за македонските граѓани.

Драги пријатели,

Слично на крајот на 19 век, крајот на 20 век беше дочекан со еуфорија и триумфализам. Во 1989 година, падна Берлинскиот ѕид, а со него и старите режими во Централна и Источна Европа. Со крајот на Студената војна и со победата на либерализмот се роди надежта за помирен, побезбеден и подобар живот, надеж дека она што беше на Запад ќе го има и на Исток. Но, по еуфоријата доаѓа соочување со реалноста. Триумфализмот на слободниот свет спласна по само една деценија.

Во 2000 година, како и еден век претходно, имаше големи очекувања дека новиот милениум ќе започне со век исполнет со мир, безбедност, развој, просперитет и правда за сите. Надежите за мирен 21 век беа побиени само една година подоцна, со терористичките напади од 11 септември 2001-та. Се прошири стравот од другиот и непочитувањето на различноста, се разгореа кризните жаришта на Блискиот Исток, Северна Африка, но и Европа. Очекувањата за економски раст и развој беа разнишани на 15 септември 2008-та со падот на Leehman Brothers и настаните што следеа.

Драги сограѓани,

И покрај разочарувањата, останува надежта, која го движи светот. Но, остварувањето на нашата надеж не зависи од другите, туку од нас самите. Тоа многу добро го знаеја шестемина родољуби кои ја основаа Македонската револуционерна организација.

„Нема заедничка мера онаму каде што човекот на различен начин го поима своето место во светот”, рече Часлав Милош.

Нашите комити и партизани, илинденци и АСНОМ-ци, имале различни погледи и идеологии. Но, и покрај разликите имале едно нешто што ги обединувало – идејата за слободна и независна македонска држава.

Република Македонија е нашето заедничко место во светот, нашиот заеднички дом. Република Македонија е нашата заедничка мера, она што ни дава заеднички поглед на нашето минато, сегашност и иднина. Од ова место, од Република Македонија, ние мора да имаме заеднички стратегиски цели за нашата европска и евроатлантска иднина.

Нам ни е неопходна сплотеноста меѓу власта и опозицијата, меѓу Македонците и Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, меѓу христијаните, муслиманите, Евреите и атеистите, за да успееме да истраеме во нашата цел.

Само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата историска мисија. Просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска и евроатлантска Република Македонија.

Потомци и следбеници на шестемина херои, на Делчев, Груев, Карев, Гули, потомци на славните Брашнаров, Чучков, Питу, Аголи, Ченто, на сите знајни и незнајни херои.

Нека ни е вечен Денот на македонската револуционерна борба!

Да живее Република Македонија!

vmro04