Јанкулоска: Криминалистичката наука е основа за напредок на полициската работа

Денес и утре во Скопје се одржува Меѓународната конференција – „Криминалистичкото образование, состојби и перпективи – 20 години по Водинелиќ“, во организација на Факултетот за безбедност, а во чест на професорот Владимир Водинелиќ основоположникот на криминалистиката на овие простори.

„Криминалистичката наука, нејзиниот теоретски развој бездруго претставува фундаментот кој овозможи силен, односно динамичен напредок на криминалистичката пракса, на нејзиното континуирано надградување како во поглед на нормативните трендови, така и во поглед на стручното опeративно и организационо делување“. – истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Министерството за внатрешни работи, чија што работа – како институција – бездруго најмногу зависи и се потпира на криминалистиката, според Јанкулоска со максимален респект и посветеност ги следи сите нови научни трендови, сознанија, постигнувања во оваа област, притоа постојано вградувајќи ги – преку системот на кадровска едукација и техничка надградба, во своето секојдневно функционирање.

„Впрочем токму преку имплементацијата на Националниот разузнавачки модел при Бирото за јавна безбедност на МВР, македонската полиција јасно ја демонстрира својата решителност – како по однос на интегрирањето на повеќето суштински сегменти на криминалистиката во еден функционален модел, туку и по однос на нивното сообразување со предизвиците и потребите за што поквалитетно остварување на законските обврски и надлежности преточени како секојдневни работни задачи на полицијата“. – нагласи Јанкуловска.