Во последно време македонската јавност, особено онаа музичката, е преокупирана со учество на македонски таленти и ѕвезди на разни музички национални и интернационални фестивали и натпревари од типот на „Јас имам талент“, …. „Ѕвездите на Гранд“ и слично. Токму последно спомнатиот музичко реалити шоу „Ѕвездите на гранд“ е мегдан каде учествуваат и македонски надарени музички пејачи. Еден од нив кој успеа делумно да ги оствари своите музички желби и сни е кичевчанецот Христијан Тришоски…
WebOhrid: Како почна приказната на Христијан? Кој е Христијан Тришоски и од каде кичевчани во „Ѕвездите на Гранд“?
Христијан: Музичката приказна воопшто ја имам започнато уште од најрана возраст каде што се снимени повеќе композиции, а и настапи по многу фестивали. Уште од најрана возраст моите родители го препознаа мојот талент за музиката и на шест годишна возраст ја снимав првата песна која ми ја искомпонира мојот татко. Потоа следеше надградување на мојата кариера, приватни часови, средно музичко Битола, Музичка академија Скопје каде што веќе се подготвува дипломскиот испит под менторство на врвната професорка Биљана Јаќимовска. Но, конкретно за „Ѕвездите на гранд“ искрено беше и лична сатисфакција за да видам како функционираат шоуата на балканско ниво, бидејки веќе бев на македонските, па затоа „Ѕвездите на гранд“ беше еден предизвик за мене.
WebOhrid: Твоето семејство има дарба од убав пој, глас мек, благоустен и приемлив за музикални уши. Колку често пеете, каде го негувате овој глас и кои песни најчесто сте ги пееле?
Христијан: Точно е тоа за моето семејство, барем така се зборуваа меѓу луѓето. Често настапуваме со моето семејство на различни концерти како во Македонија така и надвор од неа. Можеме и да се пофалиме дека сме и организација на голем дел на хуманитарни концерти низ цела Македонија за да се помогне таму каде што е најпотребно. Секогаш се задржуваме на народните изворски македонски песни, бидејќи така најдобро можеме да допреме до срцата на слушателите.
WebOhrid: Еве, веќе успеа да им ги задоволиш вкусовите на жирито од ѕвезди. Песната на Шабан Шаулиќ беше со возбуда прифатена од Шабан и покрај него доби уште 3 ѕвезди. Тоа беше доволно за да продолжиш кон врвот… Се разви и необична дебата и расправа по однос на гласањето, по што ти им вети дека ќе настапиш со македонска песна. Ќе ни откриеш ли со која песна имаше намера да ги освојуваш ѕвездените скали на Гранд?!
Христијан: Како еден од фаворитите на балканската естрада за мене е Шабан Шаулиќ, ми беше чест и задоволство што најзадоволен беше токму тој за мојот настап, тоа баш и го кажав и јавно таму. Едноставно мислам дека е најкомпетентен за да дава било какви коментари за учесниците па можеби и затоа се отвори дебата околу самото жири после мојот настап. Во баражот ветив дека ќе се претставам со една македонска песна, а тоа беше „Многу мерак имам бабо“, но за жал не поминав понатаму во следниот круг.
WebOhrid: Какво е твоето мислење за овој натпревар? Има ли доста објективност?
Христијан: Како што и претходно напоменав, „Ѕвездите на Гранд“ ми беа лична сатисфакција да видам што јас умеам и дали другите знаат да го препознаат тоа, бидејќи верувам во себе и своите способности, без разлика што не продолжив понатаму, сметам дека е одличен натпревар за сите млади уметници едноставно да се пробаат себеси и својата среќа, бидејќи има и доста голема конкуренција, сепак е на балканско ниво каде се сретнуваме повеќе култури, повеќе земји. Земајќи целосно во предвид, целото шоу е едно големо искуство за секој од нас таму, меѓутоа би било уште подобро доколку од сите во жири комисијата имаше бар и еден Македонец како што имаше и од другите различни земји.
WebOhrid: Кој најмногу те поддржува во ова твое патување кон ѕвездите?
Христијан: Без разлика дали е ова патување низ ѕведите или некое друго музичко патување или издигнување, секогаш најголемата поддршка ја имам од своето семејство каде што знам дека секогаш стојат гордо зад мене како и од својата девојка која ме поддржува во секој музички план и настап.
WebOhrid: Колку е скапо учеството на Ѕвездите на Гранд? Како се снаоѓаше?
Христијан: Доколку зборуваме конкретно за цената за „Ѕведите на Гранд“, ќе речам дека е многу висока, односно сакам да кажам високо е задоволството и душевното исполнување за секој кандидат. Ниедна цена неможе да го измери она искуство што ние го донесовме од Белград.
WebOhrid: Веќе твојата песна собра повеќе од сто илјади лајкови. Се сметаш ли за популарен? Како реагираат на тебе твоите кичевчани последниве денови?! Што е променето ?
Христијан: Драго ми е што песната е слушана насекаде низ Балканов и навистина насекаде наидувам на позитивни коментари, а што се однесува до кичевчани, конкретно, мислам дека сé е исто како што и тие се исти за мене. Драго ми е што насекаде луѓето веќе ме препознаваат и ме поддржуваат во тоа што го работам. Не може ништо да се замени од убавиот збор кај луѓето.
WebOhrid: Што мислиш за македонската изворна песна? Дали е доволно промовирана и имаш ли ти некоја твоја омилена која би сакал да ја препееш и да настапиш со неа на вакви и слични музички натпревари или фестивали?
Христијан: Македонската изворна песна никогаш нема да биде доволно промовирана од една причина – бидејки луѓето се ненаситни за истата! Верувам во тоа дека сите ја сакаат и ја слушаат, па затоа и секогаш кога настапувам по фестивалите, настапувам баш со народна песна, ги имам повеќето снимено препеано, а дел од нив се и „Твоите очи Лено“, „Јовано Јованке“, „Селвије сенѓузел“ итн. итн, а што е следно во изработка нека остане во тајност за сите мои слушатели.
WebOhrid: Колку ти годи учеството во Ѕвездите и запозна ли доволно пријатели и пеjачи од пошироките балкански простори?! Има ли некоја најава за снимање?!
Христијан: При толку убави веќе споменати зборови што ги кажав за шоуто, неизмерно е дека ми годи учеството и дека во Белград имавме прекрасно дружење како со учесниците, така и со самите балкански ѕвезди кои се дел од тоа шоу, снимања имало, се надевам и ќе има, а зошто и да не со некои од големите балкански имиња.
WebOhrid: Што би сакал да им порачаш на младите Mакедонци кои се занимаваат со музика, особено на оние кои имаат пеачки ген?
Христијан: Би им порачал никогаш да не се откажуваат од она што им е дар од Господ, бидејќи тоа е талент кој треба да се негува. Ние сме пратени на овој свет за да допреме до срцата на нашите сограѓани. Секогаш да го даваат максимумот од себе, бидејќи само така и нивните срца вистински би биле исполнети.