Од јануари 2015 се зголемува износот на минималната плата во Македонија. Владата планира и законски измени со кои се зголемуват глобите за работодавците кои нема да исплаќаат минимална плата, како заштитен механизам за остварување на правата на работниците, најави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Водени од целта за постојано подобрување на стандардот на граѓаните, рече, одржуваме постојан и конструктивен дијалог кој резултира со поволни иницијативи за работниците, прифатливи за сите страни.
„Така за прв пат во 2012 година, со посебен Закон се овозможи да се утврди најнискиот месечен износ на основна плата кој работодавачот беше должен да му ја исплати на работникот во висина од 8.050 денари, за годинава да се покачи на 8.800 денари. Со направените измени дефиниравме дека покачувањето на минималната плата следната година ќе започне од почетокот на годината, односно од 1 јануари 2015 година, при што минималната плата од 8.800 денари ќе се зголеми и ќе изнесува 9.590 денари, за во јануари 2016 година да се зголеми на 10.080 денари“, рече министерот Спасов на заедничката прес-конференција со претседателот на ССМ Живко Митревски.
Додаде дека во дејностите кои се трудово интензивни како текстилната и кожарската индустрија исто така ќе има зголемување на минималната плата од 1 јануари 2015 и таа ќе изнесува 8.050 денари, за 2016 година 9.000 денари, за 2017 година 9.590 денари и за 2018 година 10.080 денари.
Со измените, истакна министерот за труд и социјална политика, се зајакнуваат механизмите за исплата на минималната плата.
„Со новите измени се предвидува доколку Државниот инспектор за труд утврдил и констатирал дека на работникот му е исплатен понизок износ од висината на минималната плата, работодавачот најпрво во рок од седум дена да ја исплати минималната плата, а доколку не постапи, да му се изрече глоба во износ од 8.000 до 9.000 евра во денарска противвредност. Доколку во рок од една година, работодавачот го направи истиот прекршок, односно не му се исплаќа минимална плата на работникот, ќе му се изрече глоба од 9.000 до 10.000 евра во денарска противвредност, а Државниот инспектор за труд ќе донесе решение за забрана на работата на работодавачот во траење од 15 дена за кој период ќе биде обврзан да исплати минимална плата и социјални придонеси за вработените,“ појасни Спасов.
Во измените на Законот за минимална плата, исто така се предвидени и глоби за одговорното лице кај работодавачот, во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност.
Претседателот на ССМ Митревски истакна дека овие измени, меѓудругото, треба да ги спречат злоупотребите кои одредени работодавачи ги прават, како и нелојалната конкуренција меѓу оние кои го почитуваат законот и оние кои тоа не го прават.
„Со нив ќе се зголеми и работната етика на работодавачите, а ќе се намалат дополнителните трошоци кои работодавачот е принуден да ги плати доколку не го почитува законот. Она што е најважно е дека со новите измени ќе се намали сивата економија и криминалните активности“, истакна Митрeвски.
Од почетокот на примената на законот во однос на минималната плата Државниот инспекторат за труд извршил инспекциски надзори кај 10.104 работодавачи, кај кои биле вработени 173.686 вработени. Констатирано е дека на 38.206 вработени им биле исплатени минимални плати, на 127.985 плати повисоки од минималните, додека на 7.495 не им биле исплатени минималните плати.
Во 1.015 случаи се издадени решенија за исплата на платите во законски предвидениот рок, а за 46 работодавачи кои не постапиле во предвидениот рок се поведени прекршочни постапки за наплата на глоби.