Вчера, во просториите на општина Кисела Вода беше одржан третиот семинар од страна на Националната анти-допинг комисија при АМС. Третиот семинар е дел од проектот добиен со грант од „Фондот за елиминација на допингот од спортот“ на УНЕСКО. На вчерашниот семинар беа присутни младите кошаркари и кошаркарки од спортската академија на КФМ.
Најпрвин младите кошаркари и кошаркарки беа запознаени дека започнувањето на ваков вид едукативни семинари е во правец на помагање во заштитата на спортската етика како и во правец на зачувување на интегритетот на „чистиот“ спорт.
Ангажираните експерти од оваа област, ги запознаа присутните со новините од областа на допинг супстанците, забранетите допинг средства и методи, односно ќе обезбедат едукација и информираност во правец на борбата против допингот во спортот.
За важноста на проектот на семинарот говореше и д-р Илија Стоилов кој побара поддршка од младите кошаркари од спортската академија на КФМ во борбата против допингот.
„Чистиот спорт подразбира заштита на интегритетот на спортот, заштита на физичкото здравје и менталниот интегритет на спортистите, и обезбедување на еднакви услови за сите натпреварувачи така што резултатите ќе бидат фер рефлексија на природните способности на натпреварувачите“, нагласи Стоилов и додаде дека со оваа кампања ќе бидат заштитени и спортистите кои ненамерно, од незнаење за забранетите супстанци, прават допинг прекршок.
Спортистите преку изработените брошури може да се информираат за процедурата како да ги користат потребните забранети супстанции поради здравствени причини, односно за терапевтска употреба (ДТУ) и да избегнат евентуални казни наменети за допингуваните.
Република Македонија од 2008 година е потписник на Меѓународната конвенција за борба против допингот на УНЕСКО и со чинот на ратификацијата нашата држава презема обврска да спроведе сопствена национална политика во однос на борбата против допингот во спортот.
Во таа насока, согласно одредбите на Законот за спорт формирано е Национално координативно тело за борба против допингот во спортот односно Комисијата за анти-допинг која функционира во рамките на Агенцијата за млади и спорт.
Целта е низ ваквите семинари и работилници, како и преку печатените материјали и медиумската кампања да се подигне свеста за штетните последици од допингувањето, свеста за важноста од зачувувањето и негувањето на спортската етика и фер-плејот, како и свеста за последиците по кариерата на спортистите кои произлегуваат кога надлежните ќе констатираат употреба на недозволени допинг средства и методи.