Во наредниве две до три години три крупни капитални проекти ќе бидат реализирани во општина Охрид: дом за стари лица, катна гаража и автобуска станица. Истите ќе бидат реализирани по пат на продажба на земјиштето со строго дефинирана намена.
За таа цел денес советниците на градскиот совет дадоа зелено светло за трите предлог одлуки кои се однесуваа на отуѓување на градежното неизградено земјиште на кое е предвидено да се изгради дом за стари лица, катна гаража и автобуска станица.
„Првата одлука се однесува на отуѓување на градежно неизградено градежно земјиште сопственост на Р. Македонија за изградба на дом на стари лица кој е предвидено да се гради во КО Охрид 4 а врз основа на претходно донесена урбанистичка планска документација од април 2013 година . Домот за стари лица ќе се гради на локација на излезот од градот по стариот пат Охрид – Струга веднаш по населбата Даљан на охридското крајбрежје,“ објасни охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески.
Катната гаража ќе се гради во непосредна близина на охридскиот пазар.
Врз основа на претходно донесен Детален урбанистички план од октомври 2013 година, катната гаража е заведена во КО, Охрид 3. Станува збор за парцела која се наоѓа во близина на градското пазариште . Ова наше ветување се надевам дека по спроведената објава ќе биде реализирано за период од 1 до 2 години, додаде градоначалникот.
Создавањето на услови пак, за изградба на современа автобуска станица е еден од приоритетите на Локалното раководство , со оглед на тоа што сегашната автобуска станица не доликува за туристички центар како што е Охрид и е многу полоша во однос на претходната која беше изградена по сите стандарди. Земјиштето на кое е предвидено да се гради автобуска станица се наоѓа во КО Охрид 2 а врз основа на претходно донесениот урбанистички план од јуни 2014 година.
„Ние во оваа година и пол презедовме низа мерки и активности онака како што налагаат законските прописи да обезбедиме можност за изградба на ваков инфра структурен зафат кој што според мислењето на мнозинството граѓани е една од клучните односно есенцијални потреби на овој град. Автобуската станица претставува прв впечаток , прва импресија на било кој гостин кој по сувоземен пат ќе дојде во Охрид . Автобуската ја креира првата претстава за градот Охрид. За жал, сега по растурањето на претходната автобуска станица која беше во централното градско јадро граѓаните на Охрид и сите гости пристигнуваат или заминуваат од градов од еден несоодветен објект кој е под сите стандарди за обавување на една ваква дејност“, потенцира Градоначалникот Бакрачески.
Инаку, почетната цена за продажбата на земјиштето е утврдена врз основа на уредбата на Владата на Република Македонија број158 / 23 а се формира врз основа на цената која во 70 % се добива од основната намена и 30 % од највисоката цена на компатибилната намена.
„Врз основа на оваа владина уредба, почетна цена за продажба на земјиште за изградба на дом за стари лица ќе биде 1 393 денари. Почетна цена за продажба на земјиште со намена за катна гаража ќе биде1 543 денари и почетна цена за продажба на земјиште со намена за изградба на автобуска станица ќе биде 3 170 денари“, рече Бакрачески .
Во изминативе 18 месеци надлежните служби од општина Охрид, активно работеа на изнаоѓање на најдобриот начин за реализација на овие инфра структурни зафати кои вредат многу пари. Притоа беше оценето дека еден од најдобрите начини за реализација на истите е со продажба на земјиштето. Доколку огласите кои ќе ги објави Општина Охрид бидат неуспешни, односно никој не се јави за купување на земјиштето или се јави а не ги исполни критериумите на огласот, а се однесуваат на намената и роковите за издавање на одобрение за градба или роковите за изградба, секако дека во иднина Општината би размислувала и за друг начин на реализација на овие капитални инфра структурни проекти.