„Нашето искуство покажува дека понекогаш граѓаните се воздржуваат од одење во полициска станица од најразлични причини. Некогаш тоа е оддалеченоста од местото на нивното живеење, некогаш непријатното чувство да одат во полициска станица, но сите овие фактори кои влијаеја на намалена комуникација на овој начин се елименираат и очекуваме интензивна комуникација со граѓаните“. Ова меѓу другото го изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на денешната промоција на Центарот за превенција за одржување работилници со граѓаните што го организира Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со општина Гази Баба којшто ќе биде сметен во објектот на киното Маџари.
Според Јанкулоска со зголемените активности на превентивен план состојбите на територијата на општина Гази Баба споредено со лани по сите области значително се подобрени во насока на намалување на вкупниот број кривични дела, на сообраќајни прекршоци и прекршоци по одниос на јавниот ред и мир.
Целта на проектот како што истакна министерката Јанкулоска е да се создадат услови полицијата да биде колку е можно поблиску до граѓаните, така што во самиот Центар јавно ќе биде објавен и распоредот на полициските службеници кои ќе имаат „отворен ден“.
Инаку, Во Проектот – Центар за превенција – Полицијата и граѓаните заедно – ќе се примени концептот Community policing, со цел поттикнување на соработката помеѓу граѓаните и полицијата. Во проектните активности предвидено е да бидат вклучени поголем број на извршители од ПСОН, како и други полициски службеници компетентни по други области. Исто така во рамки на проектот опфатени ќе бидат општините од подрачјето на град Скопје: Гази Баба, Зелениково, Илинден, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром.