Стартуваат училишните спортски игри во Охрид

На прес конференција денеска градоначалникот Никола Бакрачески заедно со Наум Јамандиев од Сојузот на училишен спорт и со директорот на ЈП “Билјанини извори“, Ристе Мише ги промовираше училишните спортски лиги за чие формирање и функционирање услови создаде општина Охрид. Училишните спортски лиги стартуваат со натпревари оваа сабота. Во спортската сала при ЈП „Билјанини извори“ први ќе заиграат фудбалските екипи од средните, а наредната сабота ќе играат фудбалските екипи од основните училишта.

Лигата во мал фудбал ќе се реализира во два натпреварувачки дела: есенски и пролетен дел по кој ќе следи и фајнал фор, каде ќе се разигрува за прво, второ, трето и четврто место во лигата. Учесници во лигата ќе бидат основните и средните училишта во општина Охрид.

Според градоначалникот Никола Бакрачески со овој проект Општината им овозможува на младите да учествуваат во општински, зонски и регионални натпревари меѓу училишните екипи.

Во насока на создавање на здрави животни навики кои се основа за долг и здрав живот и во тој поглед земајќи го во предвид посебното место на спортот и спортувањето, за мене како Градоначалник од една, но и како доктор од друга страна е од особено значење организирањето и спроведувањето на натпреварите во училишните спортски лиги. Идејата за организирање на спортските натпревари кои првично ќе се одржуваат во фудбал, произлегува од потребата учениците да се вклучат во организиран систем на натпревари заради развој на спортскиот дух и добивање специфични искуства и вештини, преку што младите се едуцираат за нормите и вредностите што ги карактеризираат одделните спортови, во случајов фудбалот,“ изјави на прес средбата градоначалникот Бакрачески кој додаде дека ќе се игра по системот секој со секого во осум (8) кола за основни и четири (4) кола за средните училишта.

„Пропозициите и правилата се строго утврдени и сите екипи ќе бидат запознаени со истите. Ждрепката на натпреварувачките броеви ќе се одржи во присуство на претставници од сите училишта, односно професорите по физичко и здравствено образование. Системот на игра ќе биде 5 играчи плус 1 голман со 6 измени, односно секоја екипа ќе брои по 12 играчи. Времетраењето на играта ќе биде 2 х 15 минути со 5 минути одмор помеѓу и со право на екипата на еден тајм аут во секое полувреме. За секоја победа екипата ќе добива по 3 бода, за нерешен резултат по 1 бод. Секоја екипа е должна да обезбеди соодветна спортска опрема, да изврши лекарски преглед на своите играчи и нема право на менување на списокот на играчи во текот на натпреварувањето. Судии и тренери на екипите ќе бидат исклучително професорите по физичко и здравствено образование од општина Охрид,“ додаде градоначалникот Бакрачески.

Наум Јамандиев од Сојузот на училишни спортови се заблагодари на општина Охрид што создава услови за спортско заживување на Охрид.

Технички сме подготвени за започнување на лигата. Започнуваме со мал фудбал но постојат иницијативи такви лиги да продолжат и за кошарка и ракомет со што би помогнале во развивање на спортските игри во Општина Охрид. Технички правилата се играат по футсал 4 + 1 натпреварувач. Целосно сме покриени и во однос на судии. Почнуваме со натпревари со средните училишта а од наредната недела почнуваме и со основните училишта. Значи и основни и средни училишта до завршување на лигата, рече Јамандиев.

Сите натпревари ќе се одигруваат во спортската сала при ЈП „Билјанини извори“ во саботите во термините од 09.00 до 14.00 часот. Директорот на ЈП Билјанини Извори, Ристе Мише истакна дека претпријатието ја поддржува иницијативата на Општина Охрид и градоначалникот Бакрачески, за отпочнување со активност на училишните спортски лиги.

„Ние како јавно претпријатие ќе излеземе во пресрет со расположливите спортски ресурси, спортската сала, соблекувалните, канцеларии доколку се потребни за професорите по физичка култура се со цел овој проект на општина Охрид да се реализира на највисоко ниво,“ потенцира Мишев.

Проектот за училишни спортски игри е во скал со заложбите на Владата на Република Македонија за правилен физички и психички развој на младите и создавање на услови за спортување. Годинава организацијата и реализацијата на училишната спортска лига е на Локалната самоуправа Охрид и Сојузот на училишен спорт од Охрид заедно со професорите по физичко и здравствено образование од основните и средните училишта, потпомогнати од јавното претпријатие „Билјанини извори“ Охрид, Медицински центар- Охрид и СВР Охрид.

Press_sportski_ligi_4851