Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во 2013 година, во рамките на структурните деловни статистики се анализирани 53 793 деловни субјекти со 335 677 вработени лица, во кои е остварен вкупен промет од 963 846 милиони денари и e создадена додадена вредност од 207 724 милиони денари.
Најголем број од претпријатијата спаѓаат во секторот Трговија на големо и на мало (43.8%), со 27.0% од вкупниот број на вработени и реализирани 44.2% од вкупниот промет. Како втор по значење, секторот Преработувачка индустрија учествува сo 13.1% од претпријатијата, 30.7% од вработените и 23.7% од вкупниот промет.
Во вкупната додадена вредност, пресметана според фактор на трошок, во 2013 година, најголемо учество имаат претпријатијата од секторот Преработувачка индустрија (24.6%) и секторот Трговија на големо и на мало (23.5%).
Во однос на големината, во 2013 преовладуваат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90.9%). Во нив се ангажирани 34.1% од вкупно вработените кои, пак, создале 23.9% од вкупната додадена вредност. Од друга страна, во големите претпријатија (0.2%) се ангажирани 21.9% од вкупниот број на вработени со остварени 33.6% од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор.