Министерот за образование и наука, м-р Абдилаќм Адеми, денеска присуствуваше на првата меѓународна конфенреција „Smart City“ во Драч, Република Албанија.
„Огромна е улогата на образованието, обуката и на научно-истражувачката дејност во напорите за развој на просперитетно општество кое води грижа за сопствената одржливост и развива креативен и иновативен човечки капитал. Би сакал да се задржам на две работи: Политиката за истражување и развој, и на подготовката на младите и на возрасните за квалитетно вработување преку образовните политики креирани во сите степени на образованието,“ истакна во своето обраќање пред присутните министерот Адеми.
Во поглед на истражувањето и развојот, рече Адеми, морам да напомена дека е формиран Фонд за иновации и технолошки развој, кој обезбедува техничка помош на иновативни компании преку грантови, заеми, инвестиции за еднаквост и финансиска помош за истражување и развој.
„Голема улога во развојот на науката, истражувањето и иновациите има меѓународната соработка. Учеството на сите земји од регионот во ХОРИЗОНТ 2020 носи огромен потенцијал за соработка. Обврска на сите засегнати страни е да вложат максимални напори за што поквалитетно вклучување во Програмата. Со учество во Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации за Западен Балкан, ќе придонесеме кон постигнување на главната цел: јакнење на влијанието на истражувањето и иновациите на економскиот раст и на креирањето работни места,“ додаде Адеми.
Министерот Адеми, ги запозна присутните и со измените на Законот за високо образование, со кои се воведени „Прозорци на мобилност“, со кои се задолжуваат високообразовните установи најмалку 10% од задолжителните и изборните предмети од студиските програми да ги реализираат на англиски јазик (мин. 20 ЕКТС), кој е во согласност со Болоњскиот процес.
Во делот на основното и средното образование, потенцираше министерот Адеми, можам да истакнам од оваа учебна година ги имплементиравме адаптираните курикулуми по математика и природни науки за прво, второ и трето во соработка со Кембриџ -меѓународниот центар за наставни програми.
„Исто така се реализираат бројни активности за унапредување на околината за учење, на курикулумите и наставните содржини, на образовните процеси и на постигањата на учениците. Со измени на легислативата за матурските, односно завршните испити, од оваа учебна година 2014/2015, математиката е задолжителен предмет во екстерниот дел од матурските испити“, рече министерот.
Министерот Адеми, ги запозна присутните и со напорите кои ги прави Владата на Република Македонија, во насока на јакнење на врската помеѓу пазарот на труд и развојот на курикулумите.
„Во февруари оваа година започна СКИЛС проектот, со цел унапредување на квалитетот на националниот систем за образование за развој на вештини и јакнење на структурите за поддршка на иновациите“, напомена министерот Адеми.
Учесниците на конференцијата, беа запознаени и со активностите за имплементација на Стратегијата за интегрирано образование, која се реализира во соработка со ОБСЕ и високообразовните установи за подготовка на наставниците за основно образование и за предучилишно воспитание и образование.
Со цел, потенцираше Адеми, унапредување на правната рамка и стандардите за стручно образование и обука, донесени се измени на Законот за стручно образование и обука, воведен е регистер на ученици со договори за практична обука кај работодавачи и со училиштата за стручно образование и обука.
– Имплементацијата на Стратегијата за стручно образование и обука во контекст на доживотно учење 2013-2020 е приоритет на Владата на Република Македонија, а во таа насока е донесена и Стратегија за доживотно учење, со што дел од специјалните програми за образование на возрасни се вклучени во Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување, рече во своеото обраќање министерот Адеми.