Вевчанско културно лето – 2014 повеќе од очекувањата

Со финансиска поддршка на Министерството за култура на РМ, годинава по вторпат се одржа Вевчанското културно лето – ВЕВКУЛ 2014, а по 29-ти пат Меѓународната културно-научна манифестација ,,Печалбарски денови“. Треба да се знае (и памети) дека Вевчани беше прва и единствена селска населба во нашата држава која уште во 1973 год. почна да ја организира и реализира својата културно-научна манифестација посветена на печалбарството, при тоа реализирајќи досега околу 500 програми за сите изминати четири децении од своето постоење.

Од минатата година, почна да се реализира манифестацијата ВЕВКУЛ која исто така, единствена а се одржува во малите општини кај нас. Но, треба да се подвлече и знае дека основа на сите вевчански зафати е- продолжувањето на традицијата и9 максимална афирмација на македонската литература, култура и уметност и размав на на меѓуопштинската и меѓународната културна соработка.

Годинешното вевчанско културно лето и МКНМ „Печалбарски денови“ реализира богата програма, која ја следеа повеќе илјади вевчанци, туристи и жители на китнестите дримколски населби. Најпрво почна со работа Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ која се одржа од 26 Јуни до 10 Јули, а свеченото отворање беше на 3 Јули во духовниот храм Св.Никола во Вевчани. Црквата годинава слави три свои значајни јубилеи – 180 години од добивањето на дозволата за градба на храмот, 150 години од започнувањето со изградба и 135 години од осветувањето на овој значаен вевчански и македонски духовен храм, дело на Дичо Зографот и неговиот син Андреја.

На отворањето на летната манифестација со пригоден говор се обрати Цветомир Угриноски – градоначалник на Општина Вевчани кој и во оваа прилика нагласи дека е многувековна културната традиција на населбата почнувајќи од Василица, односно карневалот па преку формирањето на здравствената задруга и библиотека, до подготвувањето и прикажувањето на театарската претстава „Печалбари“ меѓу двете Светски војни како и почнувањето со работа на вевчанското Основно училиште на мајчин македонски јазик во 1835 год. до сегашните три меѓународни манифестации – ликовната колонија, фолклорниот фестивал „Пображење“ до меѓународниот конкурс за карикатура.

По свеченото отворање и по речта на градоначалникот Угриноски. Беше промовирана книгата – Автобиографија на Михајло Пупин чии предци еден извесен период престојувале и живееле во Вевчани, сотавајќи трајни траги во населбата. За книгата зборуваа Милан Божиќ уредникот од Белград и проф. Павле Митрески од Охрид, а семејното стебло на Пупин го престави Сашо Бетоски. Водителка на свеченоста беше Маја Китановска, професорка во ОУ „Страшо Пинџур“ во Вевчани.

Покрај оваа промоција, се одржаа уште три и тоа: промоција на збирката песни „Вевчаница“ од истакнатиот српски поет Миљурко Вукадиновиќ, двојазично издание на здружението „Бран“ и Општина Вевчани. Збирката песни ја промовираа проф. д-р христо Петрерски и Мишо Китаноски, а срихови читаше Сашо Бетоски. Следна промоција беше на книгата „Јадица“ од Владимир Плавески, прогласена за Роман на годината на Утрински Весник за кого зборуваше уредникот на културната рубрика 0 Катерина Богоева, а Сашо Бетоски пред присутните прочита фрагменти од наградениот роман. Да го додадеме и ова, и двете промоции се одржаа во прекрасниот амбиент на храмот Св.Никола што предизвика восхит искажан во обраќањата на двајцата писатели чии книги се промовираа.

Четвртата промоција беше посветена на 6-те книги со над 2000 печатени страници под наслов „Македонски народни умотворби од областа Голо Брдо“ во Албанија, собрани од Цветан Мазнику и проф. д-р Вита Која од Тирана. Промотори беа д-р Ели Луческа, директор на Институтот за старословенска култура во Прилеп и д-р Сашо Цветковски, директор на Музејот во Струга. Додека фрагменти од македонските народни песни, поговорки, клетви, тажачки и др., прочита Сашо Бетоски.

Во музичкиот дел беа реализирани три концерти и тоа: во Вевчани 40-те години од своето постоење со концерт го одбележа КУД „Илинден“ од Мелбурн, инаку најстаро македонско друшто на овој континетнт и КУД „Александар Македонски“ исто така од Австралија. Следниот музички концерт го одржаа учесниците на традиционалната летна школа за изучување на македонските народни ора и песни од странци што се одржува секое лето во Вевчани. Годинава присуствуваа 25 учесници од САД, Јапонија, Германија и други држави, а нивниот настап беше вистински празник за душата. Концертот се одржа во предворјето на црквата „Св.Никола“ што беше дополнителен восхит за странците играорци и пејачи. За младите, пак, беше организиран посебен целовечерен концерт на музичката група „Bross Brothers“ од Битола, која сосема очекувано предизвика голем интерес, што се виде од масовната посета на концертот изведен на плоштадот на Вевчани.

Ова лето Вевчанци имаа шанса да го видат и македонскиот игран филм „Трето полувреме“ но и двете изложби на фотографии од старата дримколска архитектура од фото хроничарот Стојан Кукунешоски, како и изложбата на карикатури од учесниците на меѓународниот конкурс на тема „Адам и Ева на карневалот“ за кои зборуваа Сашо Бетоски и Мишо Китаноски.

Во рамките на трибината на Печалбарскиот универзитет, предавање на тема „Руралниот и алтернативен туризам – фактор за развоја на потенцијалите на Вевчани“ одржа проф. д-р Никола Панов од Институтот за географија при ПМФ во Скопје, по што се водеше плодна дискусија проследена со предлози за унапредување на туристичкото стопанство во општината. За одржувањето на оваа трибина особен придонес имаа Трајче Лазороски и м-р Зоран Радиноски.

Исто така, се одржа и петдневна Креативна работилница за изучување на театарската уметност што ја посетуваа 25 вевчански ученици. На работилницата предавачи беа Томче Стојков, театарски и телевизиски режисер и Тања Гогоска, писател за деца, а се одржа и и работилница за изработка на костими за театарски претстави опд предавачот костимограф Елена Максимовска од Скопје. Учениците-учесници на работилницата по нејзиното завршување добија и диплома. Значајно е да се каже и дека: потпишана е и спогодба за понатамошна соработка на Општина Вевчани со фирмата „Кат“ од Скопје во организирање и на други креативни работилници за учениците.

Исто така, по повод смртта на вевчанскиот и македонски писател Милутин Бебекоски беше одржана комеморација која беше посветена на него и на неговото творештво за деца и возрасни.

Вевчанското културно лето 2014 и Меѓународната културно-научна манифестација „Печалбарски денови“, заврши на 17 Септември – Денот на ослободувањето на вевчани и 70 годишнината од одржувањето на првото заседание на АСНОМ и конечното ослободување на населбата. На оваа свеченост зборуваше  Цветомир Угриноски, градоначалник на Општина Вевчани, група ученици рецитираа песни од повеќе македонски поети посветени на слободата, свој реферат имаше м-р Илија Каланоски, а истата ја водеше Трајче Лазороски. На свеченоста беа врачени и 90 спомен благодарници на поединци и организации во знак на признание за нивниот вложен труд во изградбата и развојот на Вевчани, а беа доделени и 10 пофалници за најубаво уреден двор и украсен балкон.