Писмо со сочувство од претседателот Иванов по повод смртта на Џон Битов

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со сочувство до Џон И. Битов, помладиот, по повод смртта на Џон Битов, канадски стопанственик со македонско потекло.

Претседателот Иванов на 10 септември 2011 година го одликуваше Џон Битов со Орден ”8 Септември”, за исклучителната посветеност и ангажираност во поддршката на напредокот на Република Македонија и нејзина афирмација во светот како независна и демократска држава, како и за придонесот во развојот и унапредувањето на односите и соработката со пријателска Канада.

Почитуван господин Џон И. Битов, помладиот,

Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на Вашиот татко, господинот Џон Битов. Дозволете ми, во овој тажен миг за семејството Битов, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да упатам изрази на искрено сочувство за големата загуба.

Џон Битов беше голем македонски родољуб и филантроп, кој ја сакаше Македонија и со зборови и со дела. Тој даде пример за тоа како треба да се промовира вистината за Македонија и како треба да се негуваат македонското име, идентитет и вредности. Во таа смисла, тој беше уверен дека никој не може да ни ја одземе „нашата сопствена независна земја со слободите кои се заработени и името кое е избрано од страна на Македонците”.

Речиси четврт век Џон Битов упорно работеше за поддршка на развојот и за напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и за нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со пријателска Канада. Затоа, кога прославувавме 20 години од независноста, ја имав честа, во името на благодарните македонски граѓани, да го одликувам господинот Џон Битов со Орденот „8 Септември”.

Многумина Македонци се инспирирани од него и чекорат по неговите стапки, инвестирајќи во својата татковина. Република Македонија е горда што го имаше Џон Битов кој ја поддржуваше државата и ги застапуваше нашите интереси на глобално ниво. Тој започна процес на сплотување за повисоката цел, и јас сум навистина почестен што лично го познавав.