Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски на конференција за медиумите информираа за активните политики за вработување, односно за распишаните огласи за Проектот за самовработување со кредитирање, Проектот за самовработување со кредитирање за невработени млади лица до 29 години, Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места и Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места за млади лица до 29 годишна возраст.
Министерот Спасов потенцираше дека целта е преку конкретни мерки да се создаваат и креираат можности за сите невработени лица, но и да се поттикнат сите оние коишто имаат сопствен бизнис, идеја и концепт за развој на сопствена компанија да се активираат, ставајќи акцент особено на младите.
„Би сакал да ги мотивирам сите оние коишто размислуваат за основање на сопствен бизнис, особено младите да ја искористат оваа шанса и да подигнат поволен кредит за самовработување и отворање на нови работни места со што не само што ќе се отворат нови работни места туку и ќе се поттикне и развие претприемништвото. Условите под кои може да се добијат кредитните средства за млади до 29 години се следните: кредитобарателот може да подигне 7.000 евра, а за секое ново отворено работно место дополнителни 4.000 евра при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 23.000 евра, рок на враќање на средствата е 7 години (84 месеци), односно период на отплата 66 месеци (5,5 години) и грејс период од 18 месеци (1,5 години) и каматна стапка од 1% на годишно ниво. Исто така, сакам да ги поттикнам и сите приватни компании коишто планираат да отворат нови работни места за млади, да ја искористат оваа шанса и да аплицираат за поволниот кредит при што доколку вработат младо лице можат да подигнат кредит до 4000 евра за секое вработување или до 12000 евра за вкупно три вработувања, при што рокот на враќање е 2 години со грејс период од 1 година и само 1% каматна стапка”.– рече Спасов.
Сите заинтересирани субјекти и невработени лица може да поднесат барања за учество во некоја од овие мерки, или да се обратат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Република Македонија, каде што исто така, можат добијат детални информации.
На конференцијата за медиумите министерот за труд и социјална политика Диме Спасов посебно ги истакна мерките коишто во изминатиот период дадоа исклучителни резултати.
„Од 2008 до 2014 година со Програмата за самовработување со кредитирање регистрирани се 2.747 фирми од кои 2.153 се активни, или во проценти 78.3%. Во овие фирми се вработени вкупно 3.290 лица.Додека пак од 2014 година предвидовме повеќе погодности за младите и посебно дизајнирани мерки при што започнавме и со имплементација на програмата Самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години. За истата 343 кредитобаратели поднесоа апликации за вработување на 383 лица. При тоа склучени се 131 договор за вработување на 147 лица”.– додаде Спасов.
Спасов уште еднаш ги повика невработените лица и приватните компании да ги искористат овие погодности кои ќе придонесат во развојот на македонската економија и напредокот на нашата држава.