Успешна реализација на наставните програми на Кембриџ

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, беше во посета на основното училиште „Круме Кепески“ во општина Кисела Вода, каде задно со генералниот директор на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, Мајкл О’Саливан, присуствуваше на час по математика, на кој наставниците предаваа по новите наставни методи. По успешната реализација на Кембриџ програмата по математика и природни науки од прво до трето одделение, ќе се потпише нов договор со претставниците на Кембриџ, за продолжување на соработката, рече Ристовски.

„Водејќи се по истиот принцип ќе продолжиме со реформирање на наставните програми по математика и природни науки од четврто до шесто одделение. Очекувам во текот на наредната година по успешното завршување на овој втор дел од реформата да го комплетираме, односно завршиме реформирањето на делот на основно образование, од седмо до деветто“, истакна Ристовски.

Генералниот директор на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, О’Саливан, истакна дека е задоволен од начинот на кој се спроведува оваа реформа во македонскиот образовен систем, бидејќи децата навистина учат нови работи и учат како да учат, а наставниците го разбрале концептот и методите што треба да се користат со оваа наставна програма.

„Сега со голема доверба ќе ја продолжиме соработката со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да го промениме кон подобро она што досега се случуваше во училиштата“, рече О’Саливан.