Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, заедно со тим од Секторот за туризам и локален економски развој, денеска во Прага пред сите позначајни туроператори од Чешката Република, како и пред тамошните медиуми и новинари од најзначајните специјализирани списанија и магазини за туризам,одржа презентација на туристичката понуда на Охрид. Покрај туристичката понуда беше презентирана и традиционалната храна од охридското поднебје.
Според организацијата и големината денешниот настан кој се однесува на промоција на Охрид како туристичка дестинација е еден од најзначајните од ваков тип до сега и истиот Општината сама го организира и реализира.
Во продолжение денешното обраќање на градоначалникот Никола Бакрачески во Прага
– Почитувани, добредојдовте на нашата изложба на културното наследство на Охрид.
Дозволете ми да ви ја изразам мојата благодарност за тоа што денес сум тука со вас.
Ќе ја искористам оваа можност накусо да ви го претставам Охрид, нај препознатлив бренд во Македонија и пошироко. Убеден сум дека сите имате слушнато за светоста на нашиот градот. Можеби, дел од вас го посетиле Охрид или имаат планови да го сторат тоа. Еве упатувам отворена покана за сите да дојдете во нашиот град и да ја почувствувате уникатната комбинација на културното и природното наследство на Охрид, измешано со добро познатото гостопримството налокалното население.
Охрид, со својата историска, духовна и природна посебност е дел од македонската и европската историја. Сите негови вредности се веќе признати од страна на светот. Градот Охрид и Охридското Езеро се под заштита на УНЕСКО.
Вистински раритет претставува изјавата на светската научна заедница дека овој град има историја од 7000 години континуирано организиран живот . Со тоа како човечката заедница,Охрид е еден од најстарите градови во светот. Доказите за цивилизациите кои живееле на ова тло ги има во повеќе од 250-те археолошки локалитети во градот и наоколу.
Ние сме биле и се’ уште сме дел од Европа. Од тука од Охрид, словенската култура и писменост започнала да се шири наоколу. Свети Кирил и Методиј со своите следбеници светите Климент и Наум создале вредни дела кои оставиле неизбришливи траги во историјата и на овој дел од Европа. Свети Клементовата школа на хуманизмот станува камен-темелникот во развојот на културните вредности на стариот континент.
Со нашите промотивни видео и печатени материјали за Охрид, се обидовме да опфатиме барем дел од Охридските убавини. Со користење на нашите природни и културни ресурси, ние ја градиме нашата стратегија за развој на туризмот и постојано зголемување на бројот на странските гости.
Ние може да ви понудиме различни начини за да дојдете во нашиот град. Ќе се чувствувате како да сте родени таму, без разлика дали доаѓате за само неколку дена, или во подолг временски период.
Сигурни сме дека ќе сакате да дојдете повторно и да ја почувствувате убавината и духот на античкиот Охрид.
На крајот, уште еднаш ја користам можноста да ве поканам да вкусите некои од специјалитетите од нашата традиционална кујна. Можете да уживате во чаша убава македонското вино и да го почувствувате духот на македонската традиција.
Уште еднаш, Ви благодарам за вниманието и да уживаме заедно во храната.