Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО- ДПМНЕ, во која се вели:
„СДСМ, денеска по којзнае кој пат јавно самата себе си се изнаплука за катастрофалната финансиска состојба што ја остави не само во општината туку и во охридските училишта.
Недомаќинското работење на СДСМ, неоправданите долгови и игнорантскиот однос што таа го имала кон долгогодишниот нерешен имотно- правен спор со кој се соочува ОУ „Григор Прличев“ се основните причини за исклучување на струјата во оваа образовна институција. Последица на огромните наследени долгови е и исклучувањето на струјата и во ЈП „Билјанини извори“.
Господа од СДСМ треба ли да ве потсетиме дека Основното Училиште „Григор Прличев“ го предадовте на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ со астрономски долг од 8 385 868 денари, од кои 563 537 денари се по основ неплатени сметки за струја.
Поради игнорантскиот однос што претходното локално раководство од СДСМ го имаше кон имотно правниот проблем со кој над 20 години се соочува ОУ „Григор Прличев“ блокирана е неговата сметка за износ од 8 762 437 ден. Поради блокираната сметка средствата кои се обезбедени од блок дотацијата и кои по методологија се распределуваат на ОУ „Григор Прличев“ не можат да се користат наменски и стојат неискористени во општинскиот буџет. Во моментот кога ќе се од блокира сметката истите ќе можат да се користат за подмирување на долговите на училиштето.
ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Никола Бакрачески за разлика од СДСМ не бегаат од проблемите туку со истите се соочуваат и ги решаваат и тогаш кога тие се наследени. Во текот на 2013 година од општинскиот буџет со заложби на градоначалникот Никола Бакрачески на сметката од ОУ „Григор Прличев“ префрлени се 2 479 000 ден. од кои само 521 800 денари за електрична енергија. Градоначалникот Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ и понатака макотрпно и посветено работат и во најскоро време очекуваат надминување на проблемот со електрично напојување во овие две охридски институции, со цел непречено нивно понатамошно функционирање.“– стои во реакцијата.