Кузески: ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески наместо да ги решаваат проблемите на нас охриѓани тие ни создаваат нови

Портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески денес одржа прес-конференција пред ОУ „Григор Приличев“. Изјавата дадена за медиумите ја пренесуваме интегрално:

„Исклучена е струјата во основното училиште Григор Прличев во Охрид.

Учениците држат настава само додека има дневна светлина и топлина, родителите и граѓаните збунето прашуваат што се случува?

Според информациите доставени до нас причина е огромниот долг на училиштето од над 800 илјади денари или повеќе од 13 илјади евра! Ова е последица на неодговорното однесување на Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ.

За контрадикторноста да биде поголема, со предвидениот ребаланс на буџетот на општина Охрид Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ ги кратат неопходните средства за комунални и режиски трошоци и тоа за 37% во основните и за 13% во средните училишта.

Не само училиштата туку и другите јавни објекти се соочуваат со истиот проблем.

Без струја остана и спортската сала Билјанини Извори по втор пат годинава.

ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески наместо да ги решаваат проблемите на нас охриѓани тие ни создаваат нови.

И додека во градот владее хаос, градоначалникот Бакрачески никаде го нема.“- изјави Кузески.