Подобра инклузија на лицата со хендикеп со нов систем за вработување

Македонија воведува нов систем за вработување лица со хендикеп. Законското решение за кое почнува јавна дебата предвидува вработување по едно лице со хендикеп на секои 35 вработени во една компанија. Законот се однесува и на приватниот и на јавниот сектор.

„Со новиот концепт се прави значителен исчекор напред. Ова е клучна реформа која треба да го подобри вработувањето на лица со инвалидност и нивна поголема инклузивност. Не само да ја подигне јавната свест на институциите и на компаниите, туку да влијае на подобрување на пристапноста на инвалидите во Република Македонија“, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната прва јавна дебата за новиот Закон за вработување лица со инвалидност.

Квотниот систем, како што појасни министерот, предвидува работодавач од јавен и приватен сектор кој има над 35 вработени да има обврска да вработи по едно лице со инвалидност. Се предлага квотата да изнесува од два до 6 отсто од вкупниот број вработени во зависност од дејноста која ја врши работодавачот, односно максимум 20 во случај кога се работи за работодавачи со над 1.000 вработени.

Новина е и тоа што ќе се врши подготовка и стручно оспособување на лицата со хендикеп, односно стекнување работни способности кои ќе бидат потребни на работодавачите.

За вработувањето лица со хендикеп работодавачите ќе добијат финансиски стимул, односно ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси и персонален данок за вработените лица со хендикеп, ќе добијат дополнителна парична помош од 200.000 денари за сите приватни компании за приспособување на работното место согласно потребите на вработените лица со хендикеп и по 300.000 денари за заштитните друштва и за грант за самовработување на лица со хендикеп.

Оние работодавачи кои нема да го почитуваат законот ќе треба на месечна основа да издвојуваат по бруто минимална плата кој ќе оди во посебен фонд заедно со 10 проценти од придонесите по основ на невработеност кој се плаќаат за сите вработени. Од посебниот фонд ќе се обезбедуваат средства за ресоцијализација, реинтеграција и стручно оспособување на лицата и за финансиска помош за приватните компании за средства за гранд вработувања.

Клучна реформа која ќе ја подобри положбата на лицата со инвалидност и поинклузивен ситем кој ги применува меѓународните стандарди. Голем број држави и Балканот го имаат воведено пред повеќе години.

Ова значи значително подобрување на состојбата во делот на вработување на лицата со инвалидност.

Сите компании и институции имаат обврска согласно законот да вработат лица со хендикеп. Доколку не вработат се предвидува паричен надоместок од една бруто минимална плата кој ќе оди во посебен фонд заедно со 10 проценти од придонесите по основ на невработеност кои се плаќаат за сите вработени. Од посебниот фонд ќе се обезбедуваат средства за ресоцијализација, реинтеграција и стручно оспособување на лицата и за финансиска помош за приватните компании и за средства за гранд вработувања.

Како што рече министерот Спасов, новото законско решение треба да ги надмине недостатоците од постоечките кој е затворен и кој има многу поволности, но и многу злоупотреби.

Законот ќе се применува од октомври 2016 годна, со цел сите институции и компании да се подготват за примената.

Квотниот систем се применува во ЕУ и во регионот, а според Лазар Јовевски од Правниот факултет, овозможува навистина активна вклученост во општестветото.

„Пазарот на труд е еден од најефективните инструменти преку кој лицата со попреченост можат да бидат вклучени во општеството. Преку трудот се покрива прашањето на нивната егзистенција, комуникација, интерактивност и подигнување на свеста како на работодавачите, така и на пошироката општествена јавност за овие лица“, истакна Јовевски.

Новиот закон е усогласен со Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот и европските директиви, а за невладиниот сектор значи отворање на пазарот на трудот за граѓаните со хендикеп.

„Прашањето за вклучување на лицата со хендикеп на пазарот на труд го покренавме пред две години. Новиот закон претставува еден исчекор напред, со што се промовираат нови можности за инклузија и наше активно вклучување во општествените текови,“ рече Елена Кочоска од „Полио плус“.

Проценките се дека со предложеното законско решение 2.059 работодавачи имаат над 35 вработени и оти би требало со примена на квотниот систем да се вработат над 5.000 лица, а само во јавниот сектор ќе се вработат околу 1.700 лица.

Според постоечката законска регулатива во земјава се регистрирани 291 заштитно трговско друштво со 6.741 вработен од кои 2.455 се лица со инвалидитет.