Во Музејот на Македонија денеска беше отворен Центар за музејска едукација, прв од ваков вид во нашата земја кој ќе биде исклучително значаен извор за наобразба на младата популација.
На свеченото отворање, присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која истакна дека Центарот претставува важен сегмент во развојот и едукацијата на најмладите.
„Отворањето на овој Центар кое е предвидено како активност во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година ќе придонесе младите да се запознаат со непроценливите вредности на нашето културно богатство, ќе влијае врз издигнувањето на нивната свест за значењето и заштитата на културното наследство од кое секоја генерација треба да црпи чувство на припадност и идентитет. Отворањето на оваа нова организациона единица на Музејот на Македонија долгорочно ќе има голем бенефит во образованието и едукацијата на младата популација“ – изјави Канческа-Милевска.
Основна цел на новиот Центар за музејска едукација, според министерката за култура, е преку практична и научно-истражувачка работа, прилагодена за одредена возраст и предзнаење на учесниците, младата популација да ги усвои елементарните информации за музеите, за историјата, археологијата, етнологијата.
„Секој од младите посетители ќе има можност преку различните дидактички материјали како на пр. Стелт-тач машината за релјефни цртежи, низ непосредна комуникација да се запознае со културните традиции на нашето поднебје и активно да учествува во програмите кои се осврнуваат на сегменти од нашето богато минато“ – истакна министерката за култура.
Убедена сум, додаде таа, дека содржините во Едукативниот центар ќе ја поттикнат желбата на најмладите да ги посетуваат често институциите од областа на културата, да ги развиваат своите културните потреби и да ја збогатат својата културна перцепција.
Музејот на Македонија, веќе две децении има есенцијална улога во едукативниот процес на најмладите, едукаторите од оваа институција во овие 20 години, приказната за историјата на нашата земја ја раскажаа на над 30 илјади деца од училиштата низ Македонија. Музејот на македонската борба во изминатите две години успешно го реализираше едукативниот проект „Музејот – пријател на децата“ во чии рамки се одржаа креативни и едукативни работилници во кои беа вклучени повеќе од 400 деца. Оваа установа издаде и Музејски водич отпечатен на брајово писмо наменет за слепите и слабовидни лица кои на овој начин можат да се запознаат со богатите содржини на музејската поставка на оваа институција. Во едукативното одделение во Музејот на современата уметност во изминатите години поминале над 40 илјади ученици.
Во подготовките за отворањето на Центарот, покрај музејските едукатори, вклучени беа и децата од градинките „Кочо Рацин“ и „Пролет“, децата од основните училишта „Кочо Рацин“, „Браќа Миладиновци“, „Наим Фрашери“, „Алија Авдовиќ“, „Мустафа Кемал Ататурк“ и „Јане Сандански“, од средното училиште „Орце Николов“, како и децата од училиштето за слепи и слабовидни деца „Димитар Влахов“.