Најрелевантен е исказот на самиот посредник амбасадорот Метју Нимиц кој кажа дека нема некакви поместувања или новости. Искажа желба да продолжи да биде ангажиран и да има ненакво поместување, но во овој момент тоа го нема, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски, осврнувајќи се на резултатите од вчерашната средба на медијаторот на ОН во Њујорк со претставниците на Македонија и на Грција околу состојбите со разговорите за разликите околу името на Република Македонија.
„Останува проценката што ја имаме веќе во повеќе наврати констатирано и што е оценка која ја споделуваат и сите надворешни фактори дека во овој момент не постои посебна желба и мотивираност кај нашиот соговорник за придвижување особено со оглед на внатрешно политичките предизвици и приоритети што ги имаат. Од наша страна имаме желба, имаме мотив да го надминеме овој проблем што е единствениот проблем и единствената пречка да ги почнеме преговорите со ЕУ, како што и самата Европска Ккомисија има констатирано и воедно е главната и единствената пречка зошто Македонија не е земја членка на НАТО алијансата“, истакна Попоски по пуштањето во употреба на повеќенаменско спортско игралиште во основно училиште „7-ми Март“ во Челопек.
Во меѓувреме, појасни, разменивме мислења и со ЕК околу тоа што можеме да направиме покрај блокадата што ја имаме во Советот на ЕУ од страна на Грција.
„И во тој дел имаме исти идеи дека многу што може да се направи во делот на реформите и приоритетните цели што ги имаме во пристапниот дијалог на високо ниво и тоа и ќе го сториме“, рече шефот на македонската дипломатија.