ХАЕ КАРАВАН – викендов во Охрид

Во периодот од 18 октомври до крај на ноември 2014 година, Здружението на пациенти ХАЕ Македонија ќе реализира едукативен ХАЕ Караван во 7 градови во Македонија:Штип, Кочани, Струмица, Тетово, Крушево, Охрид и Битола.

Пред три седмици караванот стартуваше во Штип, предавање се одржа и во Кочани во Големата сала на Здраствениот Дом. Изминатата сабота 08.11.2014, караванот продолжи со две предавања кои се одржаа во Здраствениот Дом во Крушево и во Битола во амфитеатарот на Високата Медицинска Школа.

Оваа сабота (15.11) предавање за болеста ХАЕ ќе се одржи во град Охрид со почеток во 11 часот во салата на советот на општина Охрид.

Целта на оваа иницијатива на здружението е поинтензивно запознавање на лекарите од примарната здравствена заштита преку нивна едукација за да може да ја препознаат ретката болест ХАЕ кај потенцијалните пациенти, како и начините на кои може да им се помогне на пациентите.

Индиректно овие предавања за ХАЕ се очекува да помогнат во зголемување на јавната свест за болеста, како и идентификување на потенцијални нови пациенти, со што би се овозможило и нивно вмрежување во здружението со цел лобирање за обезбедување достапни лекови за болеста и во Македонија.

Предавањата ги реализира проф. Д-р Весна Гривчева – Пановска од Клиниката за дерматовенерологија и алергологија во Скопје, која долго време се интересира за ова ретко заболување и остварува професионален третман со пациентите заболени од ХАЕ во Македонија. Предавањата се акредитирани од лекарската комора во Македонија.