Заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев денес го прогласи за отворен четвртиот Саем за Вработување што е во организација на Агенцијата за вработување на Р. Македонија а се одржува во ЈП “Билјанини извори“.
Заменик градоначалникот Јанев, осврнувајќи се на големата важност од навремено информирање при наоѓање работа истакна дека саемот е добра можност да се осознаат сите можности за вработување.
„Како општина ја поздравуваме оваа манифестација преку која голем бој охриѓани осознаваат дека можности за вработувања во Охрид има. Во име на градоначалникот на општина Охрид ветувам дека доколку има потреби од квалификации, преквалификации, доквалификации и обуки, во насока на приспособување кон нови или кон постоечки работни места , општина Охрид ќе партиципира во дел од трошоците за обуки. Овој саем е добра можност матурантите да осознаат колку е значајна универзитетската наобразба како основа за идните вработувања“, – истакна Јанев.
На манифестацијата се преставија 70 компании од југозападниот дел на Македонија. Според директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски, ова е можност компаниите да покажат и побараат профили какви што им се потребни, а невработените да најдат работа по услови кои им одговараат.
„Се надевам дека комапнииите ќе најдат вработени кои им требаат, но и невработените ќе најдат слободни работни места за да се вработат. За 30-тина дена, ќе се знае колку лица успеале да се вработат на ваков начин“, – истакна директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски.
На денешното случување со свој штанд се претстави и германската компанија ОДВ- Електрик како сериозен и важен инвеститор во Охрид.
Саемот за вработување има за цел приближување на понудата и побарувачката на труд, како и овозможување на увид во слободните работни места од страна на оние кои се активни баратели на работа.
WebOhrid/фото: А.А.