Полицијата – одлучна во подигањето на степенот на безбедноста на сообраќајот

„Во изминатиот период успеавме да изградиме еден јасен и одговорен општествен консензус по однос на проблематиката на сообраќајната безбедност втемелен на заклучокот дека таа не може да се третира само како прашање на почитување на законската регулатива или пак само како стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфратруктура, туку пред се – како приоритетна проблематика од поширок јавен, односно општествен интерес“.

Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно воведно обраќање на трибината што по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи ја организираше Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Министерката Јнакулоски посочи дека заклучно со октомври годинава во сообраќајни несреќи загинале 110 лица – “Тоа се 110 семејства кои ќе продолжат да живеат со болката нанесена од загубата која не може никако да се надомести. Бројките во никој случај не може да ја одразат вистинската траума на секое дете, брат или сестра или татко и мајка“. Притоа Јанкулоска потенцираше дека споредбено со истиот период лани за над 30 проценти е намален бројот на жртви во сообраќајките низ земјава, односно во споредба со ланската бројка од 164 жртви во сообраќајни несреќи.

Во своето обраќање Јанкулоска нагласи дека МВР во изминатата година, самостојно но и како партнер беше на многу кампањи посветени на безбедноста во сообраќајот. “Впрочем јавноста знае дека тоа наше полициско делување фокусирано на повеќе нивоа почнувајќи од децата и младите па се до интензивирањето на сообраќајните контроли низ целата држава во сите урбани средини, по автопатиштата и магистралните и регионални сообраќајници, е неопходно и што е најважно дава позитивни резултати“.

Според Јанкулоска без оглед што во јавноста се забележува на ригорозноста сепак полицијата е одлучна во пристапот кон подигање на безбедноста на сообраќајот на едно високо ниво – притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за неисправните возила по коловозите, за непочитувањето на прецизните сообраќајни правила и прописи, затоа што таквиот пристап спасува од неднадоместливи трагедии и големи материјални штети.

„Посочувајќи ја како значен проект владината кампања која започна во септември годинава “Почитувај ги правила-почитувај го животот“, Јанкулоска презентираше и некои конкретни показатели за генералното подобрување на состојбите во безбедноста на сообраќајот. “Имено, според истражувањата на РСБСП, во одредени интервали беа набљудувани десетици илјади возила и мотоцикли во однос на употребата на опрема за пасивна безбедност, односно ремени и кациги. Доколку на почеток на септември процентот на возачи во Скопје кои користеле сигурносен појас изнесувал 37 отсто, по спроведената кампања, во октомври, истиот се покачил на 48 отсто. Од останатите градови, предводник е Демир Капија со 68 отсто, додека на дното се наоѓа Кичево со само 3 отсто“, нагласи Јанкулоска.

Исто така Јанкулоска го истакна и значењето на донесувањето на новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата што ќе претставува дополнителен инструмент во подигањето на степенот на сообраќајната безбедност и култура. “Јас немам дилема дека фактот што полицијата доследно се грижи за спроведување и почитување на законските одредби од сообраќајот и преку превентивните активности и сообраќајните контроли, евидентно резултира со зголемено почитување и примена на правилата и прописите во сообраќајот од страна на граѓаните“, потенцираше на крајот Јанкулоска.