По петти пат избор на „Најдобар млад научник“ – поттик за младата научна и истражувачка мисла од претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на почетокот на следната година по петти пат ќе го додели признанието „Најдобар млад научник”.

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник” за 2014 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.

Проектот „Најдобар млад научник”, инициран од страна на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

„Изборорот на најдобар млад научник на годишно ниво од страна на Претседателот на Република Македонија претставува поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија. Веќе петта година по ред имаме валозирација на заложбата на претседателот Иванов за поддршка на науката, научните установи и младиот научен кадар”, вели проф. д-р Атанас Кочов, претседател на Комисијата за признанието „Најдобар млад научник”.

Она што особено ме рaдува, вели проф. Кочов, е фактот што почнувајќи од 2010 година, кога првпат се додели признанието, бројот на апликанти од година во година се зголемува.

„Тоа јасно покажува дека во Република Македонија постои потенцијал на млад научноистражувачки кадар, кој е посветен на научната мисла и дејност. Македонија располага со кадар кој е спремен да одговори на предизвиците на науката и современите технолошки процеси во светот. Научните успеси на младите и нивната имплементација во секојдневните процеси, се сигурен придонес за севкупниот општествено-економски развој на нашата Македонија. Токму затоа, ги охрабрувам младите истражувачи да ја достават потребната документација на јавниот повик, со цел нивниот успех да биде препознаен и награден со престижно признание од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов”, вели проф. Кочов.

Признанието „Најдобар млад научник” беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на м-р Никола Златанов, докторант на Универзитетот на Британска Колумбија, Канада.

Во 2011 година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде и ја одбрани неговата докторска теза.

Во 2012 година признанието „Најдобар млад научник” беше доделено на д-р Катерина Бачева, која своето високо образование го има стекнато на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.

Во 2013 година признанието го доби м-р Петар Стојанов, биоинформатичар кој во Броуд Институт, Бостон, САД се занимава со биоинформатичка анализа на генетските промени кај малигните заболувања.

Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2014 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.

Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2014 година.

NMNoglas2014