„Вклучете се, заедно да и помогнеме на Македонија“, повика претседателот на СДСМ, Зоран Заев на синоќешната трибина со иселениците во Локарно, Швајцарија.
На дебатата, во салата Крусал, на тема “Иднината на Македонија“ присуствуваа околу 1000 граѓани од дијаспората.
Иселениците дадоа силна поддршка на отворените политики на претседателот Заев и на раководството на СДСМ и порачаа партијата да продолжи со чекорите што водат кон перспективи на земјата и на народот. Се интересираа за актуелните состојби во државава и за политичките случувања, за коишто слушаат загриженост и од меѓународната заедница.
Претседателот Заев ги објасни лошите услови за живот поради коишто се поголем број, главно млади луѓе, принудно си заминуваат од Македонија. Во колапс се сите основни ресори што директно ги засегаат граѓаните: нема средства за лечење по болниците – лекарите ни заминуваат, пензискиот фонд е празен – пензии и плати се обезбедуваат преку кредити што ќе треба да ги враќаат генерации по нас, нема образован систем – од експериментите плачат и децата и родителите, страдаат и наставниците, земјоделецот е навлечен на големи кредити – а не ги добива навреме субвенциите што му се загарантирани со закон. Најголем дел од граѓаните се на работ на сиромаштијата. Додека власта ја задолжува државата за споменици, не за да ја развива културата туку за тесно-партиски бизнис интереси, граѓаните се свиткани под скапиот и неподнослив живот. Невработеноста е голема, заработувачката не ги покрива елементарните дневни трошоци за преживување. Најголем дел од медиумите се окупирани од страна на власта, со што на луѓето им е одземено правото да ја знаат вистината.
„СДСМ е пред еден од најсериозните предизвици досега, прво да ја врати слободната волја на граѓаните и демократијата, а потоа и да ги реши внатрешните и надворешните проблеми на граѓаните и државата. На тој пат сме тргнати цврсто и решително и нема да попуштиме додека не го вратиме достоинството на граѓаните и на Република Македонија. Затоа ни се потребни партнерства и подаваме рака кон сите што и мислат добро на државата, заедно да ги направиме промените во Македонија“, рече претседателот Заев.
Претседателот Заев ги појасни 5-те теми преку коишто СДСМ предлага да се надмине политичката криза по двојните нерегуларни избори и од коишто опозицијата нема намера да отстапи. Рече дека СДСМ е државотворна партија којашто помогнала на државата во клучни моменти и дека никогаш нема да дозволи да биде загрозен македонскиот национален идентитет. За спорот со Грција рече дека ставот на СДСМ е јасен пред јавноста, дека прашањето мора да се реши единствено преку широк општествен и политички консензус.
„Сме успеале да го подобриме квалитетот на животот во татковината, тогаш кога иселениците ќе почнат да носат одлуки да се вратат во Македонија,“ рече претседателот Заев на трибината со иселениците во Локарно.
Претседателот Заев, во рамки на тридневната посета на Швајцарија имаше и средба со претседателот на Социјалистичката партија на кантонот Тичино, Мануел Бертоли.
Делегацијата на СДСМ присуствуваше и на фудбалскиот натпревар во Аскона, на којшто играше фудбалскиот клуб “Македонија” од Швајцарија.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев даде и интервју за регионалната Радио Телевизија Svizzera, на италијански јазик, што се гледа на ниво на цела Швајцарија.
Со претседателот на СДСМ, Зоран Заев е и генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, Тања Ковачев, членка на Извршниот одбор и претседатели на општински организации на СДСМ.