Деловни тенденции во трговијата на мало

Според податоците на Државниот завод за статистика, раководителите на деловните субјекти оцениле дека економската состојба на нивните деловни субјекти од областа на трговијата на мало, во третото тримесечје од 2014 година е понеповолна во однос на второто тримесечје од 2014 година, а поповолна во однос на третото тримесечје од 2013 година.

Раководителите на деловните субјекти оцениле дека нивната финансиска состојба во третото тримесечје од 2014 година е поповолна во однос на второто тримесечје од 2014 година, a очекувањата за економската состојба во наредниот период е иста како и во претходното тримесечје.

Раководителите на деловните субјекти оцениле дека количината на залихите во текот на третото тримесечје од 2014 година е намалена во однос на претходното тримесечје.

Нивните оценки за очекуваните порачки за наредниот период се дека ќе се намалат, а очекувањата за бројот на вработените се дека ќе останат на исто ниво како во претходното тримесечје од 2014 година.

Раководителите оцениле дека движењата на продажните цени во третото тримесечје од 2014 година забележале намалување во однос на претходното тримесечје.

Во третото тримесечје од 2014 година, во споредба со претходното тримесечје, очекувањата за продажните цени во наредните 3 месеци е дека ќе се намалат. Најголемо влијание на ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на третото тримесечје од 2014 година имале: слабата побарувачка на купувачите со 33.2%, зголемената конкуренција со 22.5%, зголемената понуда на пазарот со 14.0% и зголемените финансиски трошоци (камати) со 7.1%.