Се поставува вештачката трева на фудбалскиот терен при СРЦ „Билјанини Извори“

Со забрзано темпо се одвиваат активностите кои се однесуваат на теренот за фудбал на вештачка трева при СРЦ “Билјанини извори“. Во тек е поставувањето на вештачката трева на веќе подготвената подлога.

Паралелно со поставувањето на слоевите со вештачка трева се нанесува и специјален гранулат со цел нанесената вештачка трева да го добие посакуваниот изглед и содржина.

Покрај вештачка трева се поставува и заштитната ограда по должината на целиот стадион во предвидените димензии,а екипи на охридските јавни претпријатија поставуваат рабници и бехатон плочки на местата за маркирање на граничниот појас помеѓу стадионот и останатата површина.

Деновиве ЈП Охридски Комуналец ќе започне со чистење на тревните површини околу стадионот,со што целиот градежен зафат треба да финишира.

Како што е веќе познато,теренот на вештачка трева е донација од Европската куќа на фудбалот УЕФА,а за сите пропратни активности на и околу теренот финансиските и градежните обврски се на товар на Општина Охрид.

По реализацијата на проектот, Охрид ќе го има најсовремениот фудбалски терен на вештачка трева кој може да биде магнет за развивање на спортски туризам и подготовки на голем број, пред се фудбалски екипи во зимскиот и летниот припремен период.

teren_vestacka_treva_4001