Македонската филхармонија доби Орден за заслуги за Македонија

Првиот симфониски концерт кој Филхармонијата го извела една година по основањето била Бетовеновата трета симфонија „Ероика“ која, рече претседателот, пред 210 години со право била разбрана како музички манифест на незапирливиот човеков стремеж кон слободата, а македонските музичари со ова дело во 1945 го надополниле манифестот на АСНОМ за слобода.

„Ова е признание за сите генерации музичари, солисти, диригенти, директори, за сите допрени срца и незаборавни изведби и во земјава и во странство. Ова е искрена благодарност за сите прекрасни музички моменти и доживувања, но и обврска за во иднина“, рече претседателот Ѓорге Иванов за одлуката да и додели Орден за заслуги за Македонија на Македонската филхармонија по повод седум децении од нејзиното постоење.

Во овие 70 години, додаде Иванов, Филхармонијата беше израз на нашата слобода, училиште за нашите музичари, корен на нашите музички фестивали, промотор на Македонија и на македонската музика, гордост на нашата музичка публика.

Првиот симфониски концерт кој Филхармонијата го извела една година по основањето била Бетовеновата трета симфонија „Ероика“ која, рече претседателот, пред 210 години со право била разбрана како музички манифест на незапирливиот човеков стремеж кон слободата, а македонските музичари со ова дело во 1945 го надополниле манифестот на АСНОМ за слобода.

„Така, за Македонија музиката стана второ име на слободата. Во децениите што следуваа, Македонската филхармонјија прерасна во нераздвоен дел од македонската култура. Со секој фестивал и концерт, со секое изведено дело и секоја отсвирена партитура, Филхармонијата одново ја потхрануваше нашата внатрешна слобода. Како што не можеме да си го замислиме светот без музика, така, денес, не можеме да ја замислиме макеодонската култура без Македонската филхармонија,“ истакна претседателот Иванов, кој Орденот и го врачи на директората на Филхармонијата Маја Чанаќевиќ во присуство на членовите на оркестарот, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, музичари и други и гости.

Директорката Чанаќевиќ заблагодарувајќи се рече дека е огромна честа и престижот да се добие признание од претседателот на државата во годината кога првата национална музичка институција слави 70 години од постоењето.

„Македонската филхармонија ќе продолжи и во иднина, и тоа храбро и бескомпромисно, да го поттикнува македонското музичко творештво, да изненадува со спецификите на светките и македонските премиерни изведби, да ги обликува големите класици. Ќе продолжи да искачува врвови и со тоа да го облагородува овој наш македонски амбиент со најубавата уметност – музиката“, истакна Чанаќевиќ.

Македонската филхармонија е единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската концертна сцена. Oркестарот e формиран на 24 ноември 1944 и повеќепати преименуван и приклучуван кон други институции (Македонската опера и балет и Македонското радио), за во 1960 година Македонската филхармонија да се конституира како самостојна музичка институција.

Основачи и први диригенти на оркестарот биле композиторите Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев, а на диригентскиот пулт биле повеќе доајени на македонската музика и голем број странски диригенти. Настапиле реномирани вокални и инструментални солисти, како Алдо Чиколини, Халина Черни-Стефанска, Хенрих Шеринг, Леонид Коган, Андре Навара, Хозе Карерас, Цимон Барто, Дејвид Герет, Иља Гринголц, Торлеф Тедеен, Александар Мелников, Јосиф Иванов, Валериј Соколов, Изабел Фауст, Симон Трпчески, Ана Дурловски…

orden_filharmonija_04a