Чавков: „SEPCA прераснува во централна стратешка полициска мрежа на земјите од ЈИЕ“

„Овој нов исчекор, што денес SEPCA го прави со официјализирањето на Меморандумот за разбирање како своевиден нов статут на асоцијацијата, ја подигнува рамката на меѓуполициска соработка на едно повисоко, би рекол – стратешко ниво – во регионот на ЈИЕ“. Ова меѓу другото го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков, на денешното Генерално собрание на асоцијацијата на директорите на полициите на земјите од ЈИЕ (SEPCA) што овие два дена се одржува во Белград, Република Србија.

Директорот Чавков, притоа нагласи – “Немам дилема дека се работи за една логична и квалитативно важна надградба на SEPCA којашто има за цел, преку новата стратешко-координативна конституција дополнително да ја интензивира и етаблира нашата взаемна соработка, отворајќи реални можности за унапредување на полициската ефикасност, целосно имплементирање на заеднички систем на норми, процедури и механизми на дејствување сообразени со нашите стратешки национални цели како дел од големото европско семејство“.

Практично, како што потенцираше Чавков, SEPCA влегува во нова фаза од своето постоење, трансформирајќи се од асоцијација којашто суштински се зафати со реализацијата на полициските реформи во земјите од ЈИЕ, притоа напоредно работејќи на детектирањето, превенирањето и сузбивањето на разните форми на организиран криминал, сега во асоцијација којашто ќе се наметне како централна стратешка полициска мрежа која ќе обезбедува сигурна и безбедна средина за сите граѓани од земјите на ЈИЕ.

Инаку во овие два дена директорите на полициите на земјите од регионот на југоисточна Европа, меѓу другото, ќе го прафираат новиот Меморандум за разбирање со којшто оваа асоцијација влегува во нова фаза на своето постоење и функционирање. Имено со овој Меморандум кој што всушност станува нов статут на асоцијацијата, SEPCA се надградува како нависока полициска професионална мрежа составена од страна на шефовите на полиции на југоисточна Европа, како претставници на националните полициски институции. Се предвидува во текот на Генералното собрание на SEPCA, покрај ова, да биде разгледан и усвоен и финансискиот извештај за работа на асоцијацијата и избор на ново претседателство за наредниот двегодишен мандатен период.