Во рамки на работниот престој во Народна Република Кина, градоначалникот Никола Бакрачески, вчера ја посети најголемата кинеска и светска компанија за телекомуникациска опрема и ИТ технологии “Хуавеј“ каде оствари средба со менаџментот на истата предводен од заменикот претседател на компанијата Ватер Су.
Оваа мултинационална и телекомуникациска компанија по обртот на производство ја престигна и компанијата Ериксон во 2012година. “Хуавеј“ на почетокот од основање се фокусираше на изработка на опрема за телефони а потоа компанијата го прошири својот бизнис градејќи своја телекомуникациска мрежа , обезбедување оперативни и консалтинг услуги и опрема за фирми во и надвор од Кина. Фирмата произведува различни уреди за комуникација за широка потрошувачка а има на 140 000 вработени , од нив околу 46 % се ориентирани кон истражувачка дејност и развој.
При разгледувањето на компанијата, градоначалникот Бакрачески беше информиран дека фирмата “ Хуавеј“ има 21 институт за истражување и развој во Кина , Америка, Канада, Пакистан , Велика Британија, Франција, Германија, Колумбија, Шведска , Ирска, Индија, Русија и Турција. Во 2013 се инвестирани 5 милијарди американски долари за истражување и развој.
Средбата беше заокружена со работна вечера на која градоначалникот Бакрачески пред менаџерскиот тим на “Хуавеј“ги појасни можностите,погодностите и олеснувањата што Владата на Република Македонија и Локалната самоуправа ги овозможуваат за влез на странски инвестиции. Бакрачески ги образложи и објасни сите потенцијали на градот за евентуален влез на овој гигант во Охрид.
Во рамки на работниот престој во Кина, градоначалникот Бакрачески го посети и еден од десетте административни дистрикти во Шенжен, градот Дапенг, едно од најпознатите туристички места во Кина, познат по своето историско наследство , излетничките места и прекрасната природа кој го посетуваат 8 милиони туристи годишно. Градот е познат и по бројните медицински – научно истражувачки лаборатории и компании за генетичко инженерство.
Домаќин на средбата беше заменикот директор на дистриктот Данкан Дуан. На средбата се разговараше за етаблирање на соработка во делот на туризмот а се размена и искуства во делот на градење на стратегиите за туризам и унапредување на туристичката понуда на двата градови. Попладнево е предвидено градоначалникот Бакрачески да оствари средба со челниците на Филхармонијата на Женшен, кои имаа импозантен настап во рамките на годинешното издание на фестивалот “Охридско Лето“.