Научна конференција „Практичната настава на идните педагози, наставници и воспитувачи во мултикултурни средини – искуства и предизвици“

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на Меѓународната научна конференција „Практичната настава на идните педагози, наставници и воспитувачи во мултикултурни средини – искуства и предизвици“, која се одржа на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, при што истакна ваква заедничка средба на практичари и научни соработници ќе вроди со конструктивни искуства и идни соработки кои ќе придонесат кон понатамошно унапредување на релевантните образовни политики.

Министерството, напомена Адеми, како матична институција се грижи за образовните политики кои го креираат образовниот простор во Република Македонија.

„Во таа смисла нашето Министерство во континуитет се залoжува за подобрување на квалитетот на образованието, преку осовременување на наставните програми, континуирана обука на наставниот кадар, осовременување на наставата и учењето, градење на јасни стандарди при следењето и вреднувањето на сите субјекти вклучени во образовниот процес, како и овозможување на личен, професионален и кариерен развој на секој поединец во образованието,“ напомена министерот, додавајќки дека станува збор за систематски и организирани практики, со релативно посовремен датум, со кои во најгенерални рамки нашето образование во ôд се приближува кон европскиот образовен простор.

При тоа, истакна Адеми, евидентно е дека воведувањето и имплементацијата на бројните промени, Европски програми и иницијативи се насочени кон осовременување на македонскиот образовен систем, во смисла на следење на современите развојни тенденции во образованието во Европа, како и зајакнување на институционалните капацитети во сферата на образовните политики.

„Затоа, надминувањето на рецидивите од минатото и имплементацијата на меѓународно признатите норми и стандарди во високото образование ќе останат да бидат императив во делувањето на Министерството за образование и наука. Само на тој начин високото образование во потполност ќе ја остварува својата мисија на национално и интернационално ниво“, изјави Адеми.

Во таа смисла, Министерството дава континуирана поддршка на високо-образовните институции, особено на Филозофските и на Педагошките факултети во насока на обезбедување предуслови за зајакнување на стручните компетенции на студентите преку создавање услови за реализирање на практичната настава во средини од различен карактер, во рурални-урбани, централни и подрачни училишта, мултикултурни и мултиетнички средини.

„Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за образование и наука, се долгогодишни партнери во делот на креирање на образовни политики насочени кон интегрирано образование. Посебно ме радува што овие напори на Мисијата на ОБСЕ во Скопје имаат свое продолжение и се рефлектираат во соработката со Филозофските и Педагошките факултети и со Македонскиот центар за граѓанско образование кои исто така се наши големи пријатели и промотори на активности насочени кон интеграција во образовниот систем“, додаде Адеми, напоменувајќи дека сите студенти, посебно идните педагози, наставници и воспитувачи, треба да се оспособат да ја разберат нашата мултиетничка и мултикултурна реалносто и да стекнат вештини за идентификување, анализирање и успешно справување со најразлични ситуации кои произлегуваат од таа реалност.